Предвременото породување страв и неизвесност за секоја мајка. Незивесноста од непознатото дополнително го продлабочува стравот. Во светот сеуште е мал процентот на мајки доилки на предвремно родени бебиња, особено оние кои се родени пред 32ГН. НО, зошто? Зошто и овие најмалите, борците да не го добијат она што е најдоброто од својата мајка за нивниот раст и развој?

Ова прашање има неколку објаснувања кои се потврдени низ неколку студии на Универзитетите во Канада и Америка. Секако многу од вас ќе се сложат или пронајдат  во објаснувањето. Како појдовна точка е поддршката на мајките во единиците за интензивна нега каде што престојува бебето за развој и одржување на лактацијата се до моментот додека бебето не биде кардиопулмонално стабилно и спремно да цица. Другиот момент е  едукацијата на мајката што се може да превземе за развој на лактацијата, начинот на измолзување, складирање и транспорт на мајчино млеко. Ги охрабрувам мајките кои ќе се најдат во ваков момент да побараат совет од стручно лице кое ќе им ги даде соодветните насоки и совети како и покрај стресот, неочекуваниот момент на предвремено породување сепак можат да учествуваат во грижата за своето бебе, да обезбедат мајчино млеко.

Мајчиното млеко е од непроценлива важност за раст и развој на секое дете. Повеќе од познато за сите нас бидејќи сега ни е достапно се да прочитаме на интернет. Но, од непроценлива важност е и за предеврмено родените деца. Што би можело да го замени мајчиното млеко кое е единствено што ги содржи имунолошките компоненти и факторите за раст и развој? Нема таква формула која може да ги ги обезбеди овие состојки!

Можеби ќе ви се допадне:   Совети за успешно доење

Постојат неколку факти кои се особено важни да ги знаете. Се надевам  ќе ви бидат доволен мотив доколку се најдете во ваков животен предизвик да ве потсетат дека без разлика на се сепак можете да постигнете вашето предвремено родено бебе да цица!

*Мајчиното млеко кај мајка на предвремено родено бебе по состав е прилагодено според потребите за развој на предвремено родено бебе. Поттикнува развој на имуниот систем, развој и созревање на гастроинтестиналниот систем (содржи ензими кои недостасуваат во сеуште недоразвиениот гастроинтестинален систем и со тоа ги поттикнува развојот на дигестивниот тракт), а притоа ги задоволува сите нутритивни потреби за раст и развој на бебето. Составот на млекото кај предвремено родените бебиња се менува со растење на бебето. Кај овие мајки мајчиното млеко го постигнува составот на зрело млеко 4-6 недели после породувањето.

*Стапката на смртност и развој на патолошки состојби кај предвремено родените бебиња се зголемува доколку не се хранат со мајчино млеко. (ова се податоци на светско ниво).

*Мајчиното млеко има голема улога за развој на визуелниот систем и бубрезите кај предвремено родените бебиња.

*Исто како и важноста од исхрана со мајчино млеко кај термински родени бебиња така и кај предвремено родените бебиња мајчиното млеко штити од инфекти со  патогени агенси особено додека престојува  во единиците за интензивна нега, период кога се изведуваат многу интервенции, контролни прегледи и доаѓа во контакт со поголем дел од медицинскиот персонал, спречува појава на чести проливи, појава на некротилизирачки ентероколит-воспаление на цревата заради незерелост, состојба која уште повеќе се влошува доколку предвремероденото е на исхрана со формула, ја намалува појавата од СИДС (ненадејна смртност кај доенчињата), допринесува за подобар когнитивен развој (IQ), намалува појава на акутно воспаление на увото и има бројни бенефити во развој на респираторниот систем.

Можеби ќе ви се допадне:   “19-ти Мај” - Одбележување на Светскиот ден на дарување на мајчино млеко

*Мајчиното млеко многу побрзо се преработува во желудничето на предвремероденото бебе наспроти формулата (25мин – 51мин).

Совети за мајките на предвремено родените деца:

– Практикувајте контакт “кожа на кожа” кога ќе ви биде овозможено, колку ќе ви биде овозможено и секогаш кога ќе имате можност. Овој контакт допринесува за регулација на телесната температура кај предвременороденото бебе, кардиопулмонална стабилност, бебињата се смирени и не плачат, периодите на спиење се подолги и др. Ова секогаш се применува кога постепено бебето се префрла од ентерална исхрана на доење. Но, бидете упорни и правете го почесто, колку почесто толку подобро и претходно, пред префрлување од ентерална исхрана на доење. Постои начин како да се практикува контакт “кожа на кожа” и кај бебињата кои сеуште се на ентерална исхрана. Освен другите бенефити градата на мајката секогаш ќе биде во близина на бебето, ќе ве мириса и осеќа, а сето тоа ќе влијае и на развој на лактацијата. Кога ќе помислите, доколку го држите или практикувате контакт кожа на кожа секогаш ќе се активира рефлексот на исфрлање на млекото. Доколку условите во здравствената установа каде што престојува бебето не дозволуваат и престој на мајката, посетувајте го почесто, а во домашни услови измолзувајте се, гледајте го на слика, самото помислување на бебето и моментот дека наскоро ќе биде во вашата прегратка и ќе цица е доволно за да се стимулира хормонскиот ланец за создавање на млеко.

*Измолзувањето на млекото да започне веднаш после раѓањето во период од 1-6от час. Наизменично користете и пумпа за измолзување и рачно измолзување. Трудете се да се измолзувате во близина на вашето бебе. Доколку вашето бебе е во медицинска установа, а вие сте дома, одете почесто и престојувајте подолго во негова близина.

Можеби ќе ви се допадне:   COLLOID-Бебешкa пудра од нова генерација со сребрени јони и зеолит

*Фреквенцијата  на измолзувањето – повеќе од 4 пати првиот ден, а потоа 8-12 пати.

-Доењето започнува кога кај бебето е констатирана кардиопулмонална стабилност (без потреба од кислород). НЕОПХОДНА е соработка и редовно следење од страна на педијатар и советување со консултант за лактација.

Префрлувањето на начинот на исхрана од ентерално (преку сонда) на града е процес за кој мајката треба да се советува кои помошни средства (можеби ќе има потреба од силиконски брадавици во првите неколку сесии на доење додека бебето научи како да се справи со млазот на млеко) може да ги користи и да има постојана поддршка. Редовно следње на развојот на бебето и тежината е повеќе од потребна.

Најважните точки за успешно доење кај предвремено родените бебиња се измолзување и одржување на лактацијата и, безрезервна поддршка од стручно лице кое ќе биде доволно трпеливо да и помогне на мајката се додека не се воспостави контакт и започне доењето.

Начин да се поттикне и одржи лактацијата и кај мајките на предвременородените бебиња има. Иако е мал бројот на мајките кој дојат, сепак можеме да помогнеме и во тие најтешки мигови со споделување на искуство, совет, топли зборови кои влеваат надеж и даваат поддршка. Да го зголемиме бројот на мајки-доилки на предвремено родени бебиња!

Да го направиме најдоброто за најмалите борци!

Јасна Апостолски – Николов