Кога една мајка сака да дои и нејзиното бебе сака да цица, а постои одложен почеток на лактогеназа два или фазата на започнување на продукцијата на млеко е доволен предизвик за секој консултант за доење да им помогне да уживаат во тој миг.

Како и секогаш приказните ги споделуваме со цел да мотивираме повеќе мајки кои сакаат да дојат, да се уверат дека можеби и за нивниот проблем постои решение.

И оваа успешна доенечка приказна има посебна тежина, упорност, труд, доверба и на крајот многу радост!

Мама Александра е мама која ги посетуваше часовите за психофизчка подготовка на трудници во Центарот за мајки- “Здраво Бебе”. Како дел од подготовките застапена е и темата доење каде трудниците се запознаваат за развојот на овој физиолошки процес како и можноста да се соочат со подоцнежно развивање на лактацијата каде што најчесто постои некоја причина.

Иако нашата “работа”- стимулација на лактација траеше скоро три месеци сепак во неколку реченици да го опишеме овој одличен резултат.

Првата средба со мама Александра ни беше една недела после породувањето. Александра имаше спонтано породување без анестезија но, како што го класифицираат “продолженo породување” кое трае во просек 12-24 часа. Бебе Теон е роден 3520 гр, во 41 гестациска недела.

На нашата средба после обсервацијата на една доенечка сесија утврдивме дека овој донечки пар одлично се поставува на града, Теон е бебе кое уживаше да цица но, кај мама Александра почетокот на лактогенеза два- фазата на продукција на мајчино млеко во пообемна количина сеуште не беше започната, сеуште беше само колструмот. Консултацијата ја завршивме со неколку препораки за мама Александра, редовно доење на барање на бебето, (вклучувајќи и конзумирање на суплементи кај мајката), план за измолзување и трпение неколку дена да го видиме резултатот. Она што најмногу не плашеше сите и мене и мајката и тато кој ни беше огромна поддршка беше моментот како ќе успееме во сето ова да го замениме адаптираното млеко со доење бидејќи на возраст од една недела бебе Теон пиеше по 75-90 мл адаптирано млеко? Паралелно со овој проблем заради честата употреба на шишенце Теон почнуваше во текот на доењето плитко да се поставува на града што дополнително имавме и проблем со рагади на брадавиците.

Можеби ќе ви се допадне:   Семинар за трудници #1 - Октомври 2019

Така започна нашата приказна. Следуваа неколку консултации каде што од ден за ден мајчиното млеко се зголемуваше но, потребите на Теон исто така се зголемуваа па мама Александра почна да губи надеж. После три недели од нашата прва средба имавме повтoрна средба каде што тежината и напредокот на Теон покажуваше дека сепак цица повеќе од она што мама Александра мисли дека има мајчино млеко. Решивме да ги намалуваме дохраните и да го оставаме подолго време на града. И мама Александра реши дека ќе биде поупорна и дека сепак ќе даде се од себе да го заборавиме адаптираното млеко. Паралено со нашата работа Теон имаше и контроли кај матичниот педијатар Др. Драгана Емел Маркоска која не поддржуваше во нашата работа.

И конечно на возраст од месец и пол дојдовме до момент на доење со три дохрани по 60мл. И веќе бевеме сигурни дека сме на прав пат и дека сепак може да постигнеме Теон да биде само на исхрана со мајчино млеко. На возраст од два и пол месеци Теон беше само на доење и една формула од 60мл. Среќни пресреќни тргнавме кон последниот чекор, ексклузивно доење. Ја тргнавме и последната дохрана. Во овој момент само мама Александра нестпливо го чекаше наредниот преглед и наредното мерење на напредокот во тежина на Теон. На три месечна возраст Теон беше бебе со ТТ 6390. На возраст од 3,5 месеци ТТ 6700 и на возраст од 4,5 месеци ТТ 7530. И Кончено мама Александра пресреќна, тато Баже уште посрекен што би рекол он (да го цитирам) “ На секое купување на адаптирано млеко си викав дај боже Јасна да каже не треба повеќе и ова да е последната купена кутија.”

Можеби ќе ви се допадне:   IBCLC - International Board Certified Lactation Consultant

Теон сега има 5,5 месеци и е само на исхрана со мајчино млеко. Да, успеавме, сите заендо и секој со свој удел! Мама Александра е пример дека постојат причини каде што може да доведат до одложување на развојот на лактацијата но, нејзината успорност и дисциплина (или како што викаат мајките “ ја напишавме домашната што ни ја даде”) секогаш даваат позитивен исход. Како и во нашта приказна иако на почетокот ни беше невозможно сега мама Александра и бебе Теон уживаат во овие мигови.

Ако ја погледнаме  перцентилната крива за раст на бебе Теон можеме да видиме дека и покрај намалувањето на дохраната напредокот во тежина беше одличен. И во мометот кога исхраната е само на мајчино млеко прирастот во тежина покажува раст од еден перцентил!

Перцентилна крива за раст – Сликата е во сопственост на ПЗУ “Јуниор Мед”

Овој доенечки пар се надевам ќе има долг доенечки стаж. Им благодарам за довербата! Мама Александра и бебе Теон нека бидат мотив за многу мајки.

Пишува: Јасна Апостолски-Николов, допл.мед.сестра, IBCLC-Меѓународен сертифициран консултант за доење, Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници