Врз основа на досега проучуваното е докажано дека родилните болки всушност зависат од функционалните случувања во мозокот, а многу помалку од локалните причини-контракциите на матката. Се прашуваме „кои се тие процеси кои се одвиваат во мозокот, а притоа создават болка?“ Тоа се условните болни рефлекси и процесот на дразба и инхибиција. Тоа би значело дека родилните болки се резултат на присуство на условни болни рефлекси и недоволна инхибиција на дразбата. Од тоа произлегува дека за да се одстрани родилната болка треба да се одстрани условниот рефлекс и да се создаде јака инхибиција на процесите кои се одвиваат во мозокот.

Како да се одстранат условните болни рефлекси?

Условните рефлекси се променливи, се стекнуваат во текот на животот, но можат и да се изгубат. Условните рефлекси кои се поврзани со породувањето настануваат под влијание на надворешната средина-општеството, под влијание на разните приказни од околината, разните искуства од блиските и слично. За да се изгуби условниот рефлекс треба да се создаде соодветна едукација (еден вид воспитување) со која ќе може и самата трудница да се увери дека претставата за болното породување е резултат на предрасуди и недоволна едукација.

Како се постигнува сето ова? Како ќе убедиме една трудница дека породувањето е физиолошки акт и не претставува болка со која неможеме да се соочиме и да ја контролираме?

Најпрво треба да се објасни дека породувањето не е безболно, но доколку се објасни потеклото на болката и физиолошките случувања во мозокот и во организмот за време на раѓањето за кои постојат и научни докази, породувањето може да биде безболно. Затоа е поволно секоја трудница да посетува пренатални часови на кои се објаснува анатомијата на женските полови органи, физиологијата на бременоста, текот на породувањето, кои се знаците кои му претходат на раѓањето, како да се препознаат знаците дека раѓањето започнува. Сето ова ќе и помогне да добие една слика што се случува за време на раѓањето, што да очекува и слично.

Можеби ќе ви се допадне:   Зошто не се преопрачува да се дава вода на бебето што е на исхрана со мајчино млеко пред 6 месечна возраст, дури и кога е топло?

Ваквите пренатални едукации и објаснувањето околу раѓањето и родилните болки треба да бидат поткрепени со научни факти и докази, а не со дискусии како раѓањето е болно. Со сето ова се одстрануваат болните условните рефлекси и целата слика за раѓањето добива една друга димензија, се губи сликата на породувањето како драматичен чин.

Во текот на едукациите се создаваат и нови условни рефлекси. Овие условни рефлекси се стекнуваат со практични вежби, вежбите за дишење и релаксација кои се користат при раѓањето.

Вежбите за дишење кои се учат на пренаталните едукации за трудници се обука за посеби техники за дишење кои се користат за време на раѓањето. Тие техники на дишење трудницата свесно ќе ги користи за време на раѓањето, во моментот кога почнуваат контракциите на матката. Таа самоволна активност на дишење создава една врска на „контракција-дишење“. На тој начин контракцијата на матката претставува сигнал за почеток на дишењето, а не за болка. Тоа значи дека наместо претходниот условен рефлекс „контракција-болка“, сега имаме создадено нов условен рефлекс „контракција-дишење“. Посебните техники на дишење и релаксацијата се од посебна корист за време на породувањето бидејќи на тој начин се обезбедува доволна количина на кислород за матката која е мускулест орган, а притоа се отстранува локалниот причинител на родилните болки-млечната киселина која се натрупува во мускулниот слој на матката за време на контракцијата.

Паралелно со отстранување на условните болни рефлекси треба да се одстрани и стравот. Со самите едукации и запознавањето на трудницата со она што ќе ја очекува за време на породувањето, таа стекнува доверба во себе и се губи стравот од непознатото. Исто така улога во сето тоа одигрува и лекарот кој го води породувањето. Сите автори, лекари и научници, оние кои се занимавале со проблемот „безболно породување“ даваат посебен акцент на односот „трудница-лекар“. Од него зависи како и во колкава мера трудницата ќе соработува, колку ќе користи од она што научила на пренаталните часови. Добриот однос само и го потврдува она што го научила на часовите, ја поттикнува самодовербата кај трудницата и таа е спокојна и спремна да соработува.

Можеби ќе ви се допадне:   Совети и препораки за трудници и мајки во време на пандемија со Коронавирус (COVID-19)

За време на раѓањето трудницата треба да биде активна. Треба да го прати своето породување, да биде опуштена и релаксирана за да може да се припреми и при секоја контракција да употреби соодветен тип на дишење. Трудницата треба да свати дека безболното породување неможе да настане само од себе. Таа треба да се потруди за да има безболно раѓање.

Безболното раѓање бара соодветна подготовка и едукација на трудницата. Низ сето ова се отстрануваат условните болни рефлекси, се создаваат нови рефлекси, се отстранува стравот од раѓањето и се завзема еден позитивен став за раѓањето.

Безболното породување е возможно. Праксата го потврдува тоа. Но, за тоа ќе мора да се изборите, и тоа ќе мора да го научите. Безболното раѓање морате сами да си го овозможите со правилна едукација и употреба на техниките за дишење.

Автор:Јасна Апостолски Николов-дипл.мед.сестра,сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници,IBCLC