
Да ја разјасниме дилемата кај многу мајки! Вашето тело го прави совршеното млеко за вашето бебе, всушност менувајќи го составот кога има потреба од повеќе или помалку вода.
Дури и во првите неколку дена по раѓањето, пред да „надојде зрелото млеко“, колострумот е сè што е потребно за да се одржи бебето добро хидрирано (под претпоставка дека бебето ефикасно дои).
Мајчиното млеко е повеќе од 80% вода, особено првото млеко што доаѓа со секое доење. Затоа, секогаш кога мајката ќе почувствува дека нејзиното бебе е жедно, може да го дои. Ова ќе ја задоволи жедта на бебето и ќе продолжи да го штити бебето од инфекции , ќе му помогне на бебето да продолжи добро да расте. На бебињата не им треба вода пред да наполнат 6 месеци, дури и во топла клима. Ова е една од причините поради која СЗО препорачува децата да бидат исклучиво доени во првите 6 месеци од животот. Детето се смета за исклучиво доено кога прима само мајчино млеко, без дополнителна храна или течност, па дури и вода, со исклучок на раствор за орална рехидратација, капки, сирупи од витамини, минерали или лекови. Кога дои, мајката му ја дава на своето бебе сета вода што му е потребна, притоа обезбедувајќи „безбедна вода“ и го штити бебето од дијареа.
Давањето вода на малите бебиња ги изложува на ризик од дијареа и неухранетост. Водата може да не е чиста и да предизвика инфекции кај бебето. Потребите на новороденчето за хранливи материи се големи но, капацитетот на желудникот е мал. Затоа давањето вода, исто така, може да предизвика бебето да пие помалку мајчино млеко или рано да го прекине доењето и затоа да предизвика неухранетост. Ако мајките даваат вода наместо да дојат, тоа исто така ќе предизвика мајката да има помалку млеко во иднина.
Запомнете дека колку повеќе млеко цица вашето бебе, толку повеќе млеко произведува вашето тело. Доењето на вашето бебе често и не давајќи му други течности, вклучително и вода и сок, ќе ја одржи вашата лактација.
Препорака за деновите со високи температури?
Нудете му на вашето бебе да цица почесто. Во топлите денови номално е да се зголемува бројот на подои.
Голем број на истражувачки студии кои ја истражуваа потребата за вода кај бебињата кои се доени исклучиво беа направени на различни локации (и влажни и суви) на температури кои се движат од 22-41°C (71,6-105,8°F) и 9-96% релативна влажност. Овие студии заклучија дека ексклузивното доење ги обезбедува сите потребни течности.
Кога можам да му воведам вода на моето бебе?
Бебињата може да почнат да пијат мали количества вода кога ќе почнат со цврсти материи на возраст од околу 6 месеци. Понудете неколку голтки вода од отворена чаша или сламена цевка за време на оброците. Секоја вода што ја пие вашето бебе на оваа возраст е наменета да го навикне на нејзиниот вкус и да ги запознае вештините потребни за пиење од чашка. Не е наменет да го замени мајчиното млеко или формулата, која сепак ја обезбедува целата вода што му е потребна на вашето бебе.
На бебињата помлади од 6 месеци не треба да им се нуди вода или други течности освен мајчиното млеко, што е доволно дури и во топли денови. Прерано воведување вода може да биде опасно за вашето бебе бидејќи влијае на рамнотежата на електролитите во крвта
Пишува: Јасна Апостолски-Николов дипл.мед.сестра, IBCLC- Меѓународен сертифициран консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка за трудници
Референци:
https://www.who.int/news-room/questions-and-answers/item/breastfeeding
https://llli.org/breastfeeding-info/water-supplements/
https://huckleberrycare.com/blog/when-can-babies-drink-water
https://elht.nhs.uk/application/files/6316/6022/5455/Water_during_infancy_FAQ_final_1.pdf