
Дали породувањето е лесно или тешко, возбудливо или пропратено со траума, сепак е момент кој го менува животот и има длабоко влијание на воспоставување на доењето во првите денови. Дали начинот на породување, интервенциите кои се превземаат во текот на породувањето, медикаментиte кои се аплицираат во текот на породувањето, третманот во родилиштето имаат влијание на воспоставување на доењето и развој на лактацијата?
Истражувањата покажуваат длабока поврзаност помеѓу стресот за време на породувањето (психолошки или физички-подолг родилен период) и одложување на лактогенеза 2, фазата на создавање-почеток на обилно создавање на мајчиното млеко (Beck R watson2008,Dimitraki et all. 2016). Причина за ова е зголемоното ниво на хормонот kортизол како резултат на долг и психички стресен родилен период.
Врз основа на една Американска студија (Dewey et all. 2003) е докажано дека доколку фазата 2 од породувањето (тоа е фазата на истиснување и раѓање на бебето), трае подолго од еден час, исто така постои можност за одложување на лактогенеза 2.
Природното породување како чин е физиолошки процес кој се одвива спонтано, природно и со одредено времетрање во зависност дали станува збор за просечен, рапиден или продолжен пораѓај. Но, во последно време се повеќе се користи епидуралната анестезија како начин за обезболување и намалување на родилните болки. Дали таа влијае на доењето?
Анестетикот кој се применува при епидуралната анестезија, Фентанил има влијание на првиот час после породувањето и ползењето на бебето до градата на мајката за да започне доењето.
Епидуралната анестерзија се дава интравенски, кое води до дополнителен внес на течности во организмот на мајката со што се зголемува интраваскуларнот волумен. Вишокот на течности може да доведе до примарна преполнетост на градите и влијание на родилната тежина и тежината која ја губи новороденчето.
Академијата за доење има изготвено протокол “Peripartum analgesia and anesthesia for mothers” број 28, во кој се вели “Епидуралната анестезија има минимален ефект врз доењето кај оние жени кои сакаат да дојат, но може да има големо влијание кај оние жени кои сеуште размислуваат да дојат”. Препораката на Академијата за доење е доколку за време на породувањето се користи епидуралната анестезија родилките задолжително да се консултираат со консултант за лактација и што подолго да практикуваат контакт “кожа на кожа”.
Кои се ризиците за доењето доколку раѓањето е со царски рез?
Пост родилниот пад на тежината и прирастот во тежина значително се разликува помеѓу бебињата родени со царски рез и бебињата родени по природен пат.
Перцентилните криви за раст “nomograms”-номограми кои се користат во породилиштата за следење на растот на новороденчињата покажуваат дека новороденчињата родени со царски рез процентуално имаат поголем пад на родилната тежина, губитикот на тежина трае подолг временски период за разлика од бебињата родени по природен пат.
Интравенските течности кои ги добива родилката за време на царскиот рез влијаат на родилната тежина на бебето, делуваат како диуретик, стимулираат повеќе мокрење, со што се доведува до зголемен пад на родилната тежина кај новороденчето (Noel-Weiss, Woodend, Groll, 2011).
Подолг временски период до воспоставување на првиот контакт на родилката со бебето, како и бројот на подои во текот на 24 часа.
Мајките породени со царски рез имаат ограничување во движењата, потребна е помош од стручно лице кое ќе им објасни која е соодветна положба за доење, како да го постават бебето и да бидат со нив доколку на мајката и е потребна било каква помош. Особенo да се обрне внимание за подоите во текот на ноќта каде мајката треба да има можност да повика медицинско лице за да и помогне со поставување на бебето.
Подолготраен период на радзвоеност на мајката и бебето после породувањето, бидејќи не постои можност за поскоро воспоставување на “rooming in” кај двојката “мајка-бебе” родено со царски рез. Оваа раздвоеност на мајката и бебето предизвикува стрес кај бебето. На новороденото му е потребно време за адаптација на живот надвор од матката. На бебето му треба топлина. Контактот “кожа на кожа” делува смирувачки, ја регулира телесната топлина, и допринесува за кардиопулмонална стабилност. Доколку овој контакт се овозможува уште во првиот час после породувањето, поголема е веројатноста бебето уште на излегување од родилиштето да биде на ексклузивно доење. Контактот “кожа на кожа” го зголемува и нивото на окситоцин (со ползењето на бебето до градата се зголемува нивото на окситоцинот со што телото на мајката се подготвува за отпуштање на млекото или започнување на Лактогенеза 2).
Кога бебето е одвоено од мајката завзема одбрамбен став со специфичен плач познат како “separation distress call”(Christhensson, Cabrera,Uvnas-Moberg&Winberg,1995).
Однесувањето на бебето по одвојувањето од родителот експертите го формулираат како серија од реакции познати како “протестирање во очај”. Доколку не се одговори на неговите потреби плачот продолжува, бебето троши повеќе енергија, а тоа доведува до забрзана фреквенција на дишењето, забрзана работа на срцето и покачена телесна температура. Сите овие реакции доведуваат до покачување на нивото на хормоните кои дополнително го истакнуваат стресот кај бебето (Alberts,1994). Сепарацијата на бебето од мајката има и низа други промени, повеќе плач, помалку сон, проблем со доењето, намалување на нивото на гликозата во крвта. Од ова можеме да заклучиме дека контактот “кожа на кожа”, започнување на доењето во првиот час после породувањето и “rooming in” се едни од важните фактори за отпочнување на доењето.
Аналгетици и анестетици?
Сите медикаменти кои припаѓаат во оваа група имаат влијание за отпочнување на доењето во првиот час и ползењето на бебето до градата во првиот час после породувањето. Поголемо е нивното влијание доколку мајката е породена со царски рез, бидејќи и нивната употреба е неопходна.
Синтетскиот Окситоцин?
Синтетскиот Окситоцин се дава кај родилките во третата фаза од породувањето (фазата на излегувањето на постелката) за да се намали постпарталното крварење. Една студија (Martin Gabriel at all .2015) го истакнува влијаните на синтетскиот окситоцин врз ползењето на бебето во првиот час и воспоставување на доењето како и на намалување на примитивните вродени рефлекси за цицање кај бебето.
Ако се навратиме низ текстот постојат многубројни фактори кои зависат од начинот на породувањето, а имаат големо влијание во успехот на една мајка во доењето. Набројавме само дел од факторите со кои најчесто се сретнуваме. Затоа да се потсетиме дека еден од десетте чекори за успешно доење е едукација пред породувањето и правото на секоја мајка да биде информирана. Доколку дел од родилките се запoзнаат со овие неколку работи кои можат да имаат влијание на доењето се надевам дека ќе се охрабрат, едуцираат, посетуваат часови за подготовка за породување и ќе изберат природен начин за да на свет го донесат своето новороденче. Доколку е породувањето природно, спонтано, без интервенции и медикаменти толку се поголеми шансите за побрзо отпочнување на доењето и успех во доењето.
Пишува: Јасна Апостолски Николов – дипл.мед.сестра, IBCLC (Меѓународен сертифициран консултант за доење), сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници)



































