КОЛКУ Е НОРМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА НА БЕБЕТО И КАКО СЕ МЕРИ?

Нормална температура на бебето е 36-37-37,5 степени целзиусови. Постојат повеќе фактори од кои зависи каква ќе биде температурата на бебето/детето. Зависи дали бебето спиело, било покриено, колку било облечено, каква била температурата во собата, каде се мерела температурата и сл. Зависи и во кој дел од денот е мерена температурата, дали бебето пред мерење на температурата имало одредена физичка активност.

Постојат повеќе начини за мерење на температурата – орално, ректално, под пазуви, во уво, сега има и безконтактни топломери кои може да измерат температура. Времето кое се мери температурата зависи од типот на топломерот но најчесто изнесува од 3 до 5 минути.

БЕБЕТО ИМА ТЕМПЕРАТУРА – ЗОШТО?

Фебрилноста или покачената телесна температура не е болест туку е симптом на присуство на болест или инфекција. Затоа е многу важно кога родителите ќе измерат покачена температура кај бебето да се консултираат со својот матичен педијатар за чекорите кои родителите треба да ги превземат. Најдобро е прво да се консултираат со педијатарот па дури потоа да се упатат во амбуланта за преглед.

Фебрилноста е добар знак дека детскиот/бебешкиот организам т.е. нивниот имун систем е активиран и функционира и тој се бори со инфекцијата. Најчеста причина за фебрлиноста е акутна вирусна инфекција. Кога ќе дојде до вирусна инфекција под дејство на имуните клетки се создаваат одредени материи кои се нарекуваат пирогени и тие низ крвототкот стигнуваат до центарот за терморегулација и ги активираат рецепторите кои предизвикуваат покачување на телесната температура. Како имуниот систем е веќе активиран и одбраната е започната доаѓа до намалување на пирогените и постепено опаѓање на истата. При инфкециите може да се јави и треска или грозница, и ова исто така е состојба која го помага работењето на имуниот систем. Односно доаѓа до зголемување на делбата на белите крвни зрнца и супримирање на размножувањето на вирусите и бактериите.

Можеби ќе ви се допадне:   „Мојата приказна“ со Маја Ризов

ПРИЧИНИ за појава на фебрилноста освен вирусните инфекции, може да се и бактериски инфекции, инфламаторни и автоимуни заболувања, ендокринолошки пореметувања и сл. Понекогаш причина за фебрлноста може да е и претоплување на бебето, со преоблекување или препокривање на бебето. Растењето на забите може да предизвика покачување на температурата. Сончаница, топлотен удар и сл. исто така се на списокот на причини за појава на фебрлиност.

ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА КАЈ БЕБИЊА И КОГА ТРЕБА ДА СЕ ОБРАТИТЕ КАЈ ПЕДИЈАТАР

Ако бебето е под три месечна возраст и ако измерената температура е над 38 C, а за тие што се постари ако измерената температура е над 38,5C се смета за фебрилност.

СИМПТОМИ – врело тело особено изразено на вратот и слепоочниците

  • Вознемиреност, плачливост
  • Поспаност
  • Намален апетит
  • Незаинтересираност за игра
  • Неактивност и поспаност

СИМНУВАЊЕ НА ТЕМПЕРАТУРАТА

Симнувањето на температурата нема да му помогне на бебето во борба со инфекцијата ама ќе му помогне да се чуствува лагодно. Затоа ако бебето/детето има температура но при тоа си е весело, активно, внесува течност, јаде тогаш не мора веднаш да почнете со намалување на температурата туку следете го бебето а дозволете му на организот да се бори со инфекцијата.

Постојат повеќе мерки за намалување на температурата:

  • Расоблекување на бебето
  • Разладување со помош на мокри крпи или туширање со млака вода
  • Премачкување со раствор на вода и 70 % алкохол (пола/пола)
  • Проветрување на просторијата
  • Внесување на многу течности, почесто нудење на вода, ако цица да цица повеќе и почесто, нудење на чај, електролити

Сите овие се таканаречени физички мерки за намалување на температурата, но ако се недоволни може да се применат и фармаколошки мерки. Тоа значи употреба на антипиретици (Paracetamol, Ibuprofen)

Можеби ќе ви се допадне:   Програма на часовите за психофизичка подготовка на трудници

Наместо заклучок доколку му се измери покачена температура на бебето/детето не се оди веднаш на лекар туку се консултирате со педијатарот телефонски, се обидувате дома во домашни услови да се намали температурата и да му се олесни на бебето. Доколку настане влошување на општата состојба на бебето веднаш се носи на лекар. Инаку првата посета кај матичниот педијатар е дури после 24 часа од започнување на фебрилноста.

Драгана Емел – Маркоска
Специјалист – Педијатар