Резултатите од систематските прегледи во основните и средните училишта, последните неколку години укажуваат на загрижувачки зголемен број на деформитети кај децата во раст и развој. Коскено-мускулниот систем кај децата во развој е под влијание на внатрешни и надворешни фактори при што е подложен на деформации. Генетската предиспозиција, лошото држење на телото, претешките училишни чанти, многучасовното седење пред компјутер, недоволната физичка активност, лошата исхрана и прекумерната телесна тежина доведуваат до нарушување на статиката на ‘рбетниот столб. Како последица на тоа се јавуваат кифози, сколиози, лордози.

Наглиот раст на децата во пубертетот исто така доведува до појава на овие деформитети.

СКОЛИОЗА е странично искривување на ‘рбетот, кое може да биде еднострано во облик на кириличната буква “C” или двострано во облик на латиничната буква “S”. Се следат разлики во висината на рамениците, во испакнатоста на лопатките, во држењето на струкот лево и десно итн.

КИФОЗА или подгрбавеност е деформитет со зголемена постериорна (кон назад) кривина на ‘рбетот во торакалниот (граден) дел од ‘рбетниот столб. Рамениците се поместени кон напред, со вовлечен граден кош и испакнато стомаче.

РАМНИТЕ СТАПАЛА се деформитет кој е најчест кај дечињата од школска возраст. Се карактеризира со спуштен медијален (внатрешен) свод на стапалата. Најчести причини се слабост на мускулатурата на стапалата, недоволната физичка активност, долгото носење на децата во раце од страна на родителите во период кога сводовите на стапалата се оформуваат, прекумерната телесна тежина, наглиот раст.

ВДЛАБНАТ ГРАДЕН КОШ или ИСПАКНАТ ГРАДЕН КОШ се деформитети кои нешто поретко се јавуваат во однос на горенаведените, но сепак присутни кај децата во раст и развој.

Можеби ќе ви се допадне:   Проблеми при доењето: Бебето „објавува штрајк на доење“

КОГА ТРЕБА ДА ПОСЕТИТЕ ЛЕКАР

Доколку забележите еден или повеќе од следниве знаци, треба да закажете преглед кај доктор-специјалист ФИЗИЈАТАР или ОРТОПЕД:

  • Разлика (асиметрија) во висината на рамениците
  • Разлика во поставеноста и испакнатоста на скапулите (лопатките)
  • Разлика во држењето на струкот лево и десно
  • Асиметрична поставеност на колковите
  • Разлика во текстурата на кожата што го прекрива грбот, лево и десно
  • Ребрена испакнатост при изведување на “бендинг” тестот

Дијагнозата на деформитетите на ‘рбетот кај децата во раст и развој се потврдува со помош на панорамска рентген снимка, компјутерска томографија или магнетна резонанца на ‘рбетот.

Третманот зависи од степенот на кривината на ‘рбетниот столб. Најчесто се постигнува успех со конзервативниот не-хируршки третман кој подразбира палета од корективни тераписки вежби со индивидуален пристап. Корегирањето на деформитетите на ‘рбетот е долготраен процес кој бара сериозен пристап и голем ангажман како од здравствените работници така и од детето и неговите родители. Само стручно подготвениот и во целост спроведен кинезитераписки програм овозможува да се запре прогредирање на деформитетот и да се корегира делумно или во целост.

Пишува: Др. Николов Игор – Специјалист по физикална медицина и физијатрија