Примерите од секојдневната работа се секогаш мотив и за консултантите за лактација и за здравствените работници – матичните педијатри на децата кои го поддржуваат доењето.

Да ја прочитаме успешната приказна на мама Елена и бебе Илина.

Зголемувањето на телесната тежина кај бебето што е на исхрана со мајчино млеко  е еден од многуте знаци дека бебето е во добра здравствена состојба. Понекогаш, совршено здравото бебе полека добива тежина бидејќи тоа е само негов или нејзиниот уникатен модел на раст. Во други случаи, има проблем што може или не може лесно да се идентификува. Ако вашето бебе не добива тежина според одредени “стандарди”, вие и вашето бебе треба да бидете проверени од матичниот педијатар на бебето и овластен консултант за лактација.

За да откриете дали бавното зголемување на телесната тежина е природен модел на раст на вашето бебе или резултат на нешто друго, матичниот лекар на вашето бебе ќе ви постави многу прашања и за вас и за вашето бебе.

Не паничете ако зголемувањето на телесната тежина на вашето бебе понекогаш е помала. Без разлика дали бавното зголемување на телесната тежина е поврзано со природниот модел на прираст на вашето бебе или некој друг фактор, речиси секогаш е најдобро вашето бебе да продолжи да цица.

Природно “бебе кое поспоро напредува во тежина” наспроти проблем со бавно зголемување на телесната тежина

Бебе кое природно бавно добива тежина, сè уште добива на тежина постојано, но бавно:

  • Останува на одредена крива на раст.
  • Расте во должина и обем на глава според типичните стапки на раст.
  • Се буди самостојно и е будно, сака да цица околу 8 до 12 пати во 24 часа. Како што бебињата растат, тие може да цицаат поретко.
  • Има приближно ист број на влажни и валкани пелени како бебе кое побрзо расте.
Можеби ќе ви се допадне:   Алтернативни методи на хранење на бебето - втор дел

Елена е мама која во текот на бременоста ги посетуваше часовите за психофизчка подготовка на трудници за раѓање во Центарот за мајки – Здраво бебе, на кои се обрнува поголемо внимание на  едукацијата за доење. Мајка која ги следеше сите совети од нашите едукатори и успешно се справуваше со доењето и развојот на лактацијата. Едукацијата ја донесе чекор понапред, а и влеа и голема самодоверба во нејзините постапки. Голема благодарност до неа за довербата кон нашето советувалиште и сите совети дадени од Др. Драгана Емел Маркоска – спец. педијатар и Јасна Апостолски Николов – IBCLC – Меѓународен сертифициран консултант за доење.

Илина е термински родено бебе со родилна тежина 3370 грама. Во прилог на сликите можете да го видите нејзиниот прираст кој одстапува од “прираст од 30 грама на ден”.

Сигурно ќе се запрашате зошто на ваков пад на тежината не беше советувано од страна на педијатарот да се додаде адаптирано млеко? Затоа што постојат други параметри погоре наведени кои ги следевме и кои ги задоволуваа критериумите дека бебето доволно цица. Од страна на педијатарот беа исклулени болести и метаболни заболувања кои би ги поврзале со нејзиниот мал прираст во тежина. Нејзината честа посета во нашето советувалиште овозможуваше и чести консултации со консултант за лактација и чести контроли од педијатар. Едноставно Илина е бебе кое поспоро напредуваше но, притоа мама Елена имаше одлично воспоставена лактација. При мерење на подој, тој ги задоволуваше критериумите дека Илина доволно се храни но, едноставно си има нејзина крива на прираст која ја следи. Нашата заедничка работа и соработка, желбата на мама Елена, Илина да биде на ексклузивно доење и огромната поддршка од нас не водеа секое наредно мерење кон се поголема радост. Морам да ја истакнам и огромната поддршка од нејзиниот сопруг кој исто така имаше голема доверба во нас и дозволи сите стрпливо да го дочекаме моментот кога Илина ќе не изненади со својот прираст.

Можеби ќе ви се допадне:   Колострум - "течно злато" и неговата улога

И да, го дочекавме и тој момент после месец и половина Илина почна да напредува повеќе во тежина. Нејзиниот прираст од вториот месец  до сега е поголем од очекуваниот за бебињата на таа возраст.

Ако ја погледнете нејзината крива за раст во тежина ќе забележите дека Илина на седум месеци веќе ја има дуплирано и надминато родилната тежина иако првите два месеци имаше спор прираст во тежината. Во ниту еден момент не се посомневаме ниту пак размислувавме за додавање на адаптирано млеко бидејќи мајчиното млеко и развојот на  лактацијата кај мама Елена беа повеќе од доволни.

Илина и мама Елена уживаа во ексклузивно доење до 6 месеци.

Оваа приказна како и сите други ги споделуваме со мотив до сите мајки доилки да не се обесхрабруваат дека немаат доволно млеко. Едноставно побарајте совет од консултант за лактација кој ќе ви даде соодветни насоки и ќе ви биде помош и поддршка во надминување на сите препреки. Во нашата работа искуството покажува дека покрај се важен елемент во целата работа е поддршката на доењето од страна на матичниот педијатар на бебето.

Не избрзувајте со давање на адаптирано млеко, не го поврзувајте секој плач на бебето со глад. Има многу причини зошто бебето плаче. Едноставно имајте самодоверба, информирајте се, едуцирајте се во текот на бременоста и доколку имате потреба одберете помош и поддршка од консултантите за доење. Бавното напредување во тежина не е секогаш причина за избор на додавање на адаптирано млеко.

Пишува: Јасна Апостолски Николов – IBCLC, Меѓународен консултант за доење, дипл.мед. сестра и сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.

Можеби ќе ви се допадне:   Контраиндикации на доењето или хранењето со одмолзено мајчино млеко кај доенчињата