
Понекогаш една погрешна реченица може да ни создаде вознемиреност, паника, проблеми околу доењето па дури и да ги насочи мајките во правец на размислување да го прекинат доењето.
Често пати ќе слушнете како се зборува дека постојат два вида на мајчино млеко- “предно млеко” и “задно млеко”. Ова не наведува на размислување дека градите произведуваат два типа на млеко. ЛАКТОЦИТИТЕ – КЛЕТКИТЕ ВО ГРАДИТЕ КОИ ГО СОЗДАВААТ МАЈЧИНОТО МЛЕКО СОЗДАВААТ САМО ЕДЕН ТИП НА МАЈЧИНО МЛЕКО.
Експертите во оваа област даваат објаснување дека на почетокот на секој подој првото млеко се нарекува “предно млеко” со поголем волумен но, со помала концентрација на масти. Како се одвива еден подој така постепено се зголемува количината на масти во млекото, но се намалува волуменот на млеко кое бебето го цица од градата. Тоа млеко кое има поголема концентрација на масти се нарекува “задно млеко”. (Mohrbacher and Stock, стр.34).
Збунетоста со “предно и задно млеко” доведе со секаков вид на неизвесност. Дали бебето треба да се дои одреден број на минути? Дали постојат два различни типа на млеко? Дали бебето ако пократко се дои нема да напредува во тежина? Понекогаш здравствените работници ги советуваат мајките да дојат подолго за да може бебето да ја испразни градата. Но, што ако бебето не сака да цица толку долго? Тогаш се јавуваат сомнежите кај мајката дека бебето не го исцицува млекото кое е богато со масти. А што ако тоа бебе за пократко време ја празни градата?
Не постојат два вида на млеко. Не постои “магичен момент” кога “предното” млеко се претвара во “задно” млеко. Како бебето дои така постепено се зголемува концентрацијата на масти во млекото.
Доколку го оставите вашето бебе да дои на едната града се до оној момент додека бебето само не ја пушти градата, можете да бидете сигурни дека вашето бебе го добива правилнот биланс на течности и маснотии и други градивни елементи кои му се потребни за правилен раст и развој. Неможеме временски никогаш да го ограничиме подојот. Постојат бебиња на кои им е потребно 5-10 минути за еден подој, а постојат и бебиња на кои им е потребно 40 минути за еден подој. Затоа следете ги знаците за глад и потребите на бебето да цица кога сака и колку сака. Не го следете саатот и временската рамка на еден подој.
Вкупната количина на млеко кое бебето ја прима на дневно ниво е онаа која го одредува напредокот во тежина на бебето, не количината на “задното млеко”. Редовните рутински прегледи кај матичен педијатар и редовно следење на раст и развој не бебето се оние кои ни го потврдуваат напредокот на бебето.
Предното млеко не е секогаш со помала количина на масти. Ова е тесно поврзано со распоредот на доење. Доколку бебето цица често, после завршен подој за краток временски период сака да цица повторно, тогаш “предното млеко” ќе биде со поголема концентрација на масти.
Како се доаѓа до овој заклучок? Поделбата на “предно и задно млеко” може да се земе во предвид само кога има подолги временски интервали помеѓу подоите. Исто така количеството на масти во млекото варира и во текот на денот дури и е различно кај секоја мајка. На пример: кога постои поголем временски период од еден до друг подој како што се случува во текот на ноќта, во утринските часови, на следниот подој “предното млеко” ќе биде со помала концентрација на масти за разлика од попладневните часови кога бебето почесто цица, тогаш “предното млеко” е со поголема концентрација на масти заради честите подои.
Да го поедноставиме доењето за мајките, да ги намалиме непотребните сомнежи и да го тргнеме овој сомнеж од “списокот за грижи”.
Автор: Јасна Апостолски Николов – Дипломирана медицинска сестра, Меѓународен консултант за доење – IBCLC, Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.
Референци:
Kent, J. C. (2007). How breastfeeding works. Journal of Midwifery & Women’s Health, 52(6), 564-570
Mohrbacher, N. Breastfeeding Answers Made Simple: A Guide for Helping Mothers. Amarillo, TX: Hale Publishing, 2010