Прва бременост, многу очекувања, многу стрес. Бременоста заврши со царски рез и сите муабети поврзани со оваа процедура ме стигнаа и мене. Најстрашното за една жена, мајка беше: „Ако се породиш со царски рез, нема да имаш млеко”. Toa уверување беше толку вгнездено во мене што верував во тоа и помислата дека нема да можам да си го хранам бебенцето ме плашеше. Околу мене во болница имаше еден куп жени што беа природно породени и што доеја, а тоа претставува голем притисок за една мајка. Многу бев тажна, изгубена, исплашена. Сопругот беше скептик; целото пошироко семејство, пријателите – сите ми велеа „Давај вештачко млеко, немаш млеко, а и да имаш со царски рез си, имаш антибиотици во тебе, сето тоа е штетно за бебето…“ Без разлика на сѐ, се трудев, а и малото беше упорно, на моменти поупорно и од мене. Проблемот беше жолтицата; секогаш спиеше и цицаше и не знаев кога е гладен кога е сит, но и многу плачеше.

Кога дојдов дома почна драмата. Патронажната сестра ме збуни; ми изнакажа за папче, вратче, главче, но темата за доење ја прескокнуваше. Имав страшни болки во градите, грутки. Сите ми велеа да се измолзувам, но никој не ми покажа како, па со сопругот гледавме видеа на интернет, дури и си купив пумпа. Ништо не помагаше, моето уверување дека немам млеко беше доста силно. Читав, истражував, се приклучував во разни групи, но не беше тоа што ми требаше.

И така еден ден разлистувајќи и талкајќи по интернетот наидов на името Јасна (и сѐ ми стана јасно како ден). Имав слушнато за консултанти за доење, но не знаев дека има и кај нас. Не чекав, веднаш ја побарав.  Дојде со нејзините „инструменти”, искуство, позитивна енергија и ме смири. Најпрво го убеди сопругот, потоа и мене дека да, јас имам млеко, бебенцето си цица и напредува иако спие додека цица. Со жолтицата се боревме 3 месеци. На лекар ни констатираа лактациска жолтица и ми велеа да му давам повеќе вештачко млеко. Бебето постојано ми беше поспано и не знаев дали цица, па од време на време му давав и вештачко млеко. Јасна ме опушти и за овој момент постојано ми велеше: “Eдно ко ниедно” и така лека полека си почнавме и станавме ексклузивци.

Можеби ќе ви се допадне:   Вазоспазам на брадавиците при доење

Цел овој период Јасна беше покрај мене, ме мотивираше со разни приказни, беше достапна за мене цело време, пред сѐ, беше човек, жена, мајка која сочувствуваше со мене. Болеше, но вредеше. На секоја жена ѝ треба поддршка во овој период, Јасна беше мојата дури и дадов прекар “спокој” бидејќи секогаш ме успокојуваше.

Еден мал совет до сите идни мајки: „Мајки, никој не може да биде мајка на вашето дете. Посветете се на себе и малото и барајте помош ако треба бидејќи ја има насекаде! Пронајдете што одговара за вас, дали група, дали консултат и прашувајте.

Информацијата е сè и, како викаат, СРЕЌНА МАЈКА – СРЕЌНО ДЕТЕ!

Маја Ризов