
Пред да започнеме со сторијата за доењето би сакала да споменам за краткиот период додека се измолзував односно оддржувањето на лактација, а во мојот случај тоа беа 15 дена со пумпа за одмолзување бидејки бебчињата беа во инкубатор. Ова е клучниот момент поради кој ги дојам моите близнаци, вовед во мојата приказна и почеток за успешно доење, го правев тоа со обична рачна пумпа (одбрав обична, преобична, ни самата јас не верував доволно дека ќе ја одржам лактацијата бидејќи од сам старт се соочив со коментари од типот: “Ќе снемаш млеко додека дојдат бебињата дома”, “Нема никакви шанси да се дојат двајца” итн). На оваа проблематика наидов лично јас, скоро никој не ме измотовира да дојам, можев да воочам дека владее мислење дека близнаци е невозможно да се дојат и дека тоа млеко нив нема да им е доволно или дека мајки доилки на близнаци снемуваат млеко после 3 месец, добивав погледи вперени со сожалување дека сум во заблуда во мојата идеа за доење близнаци. Навистина ова мислење е вирално и неслучајно мајките на близнаци се поистоветуваат со таквото мислење. Во меѓувреме дознав дека можам да се молзам и во ОИНТ (Оддел за интензивна неонатална нега и терапија) и мајчиното млеко да им се даде на бебчињата наместо формула. За мене немаше посреќна кога дознав, едвај го чекав моментот кога ќе поминам покрај нив, ќе ги здогледам и продолжував кон млечната соба (така ја нарекуваа) за да измолзам млекце за нив. Резултатот, односно количината на млекце беше од ден на ден се поголема. Би сакала да доловам секојдневна случка: Кога одев на молзење, скоро секој ден се сретнував со истите жени и уште по некоја нова, повеќето се откажуваа после мал број на обиди, а некои и временски не се задржуваа, низ конверзација со нив дознав дека скоро никоја не молзеше дома, молзење само по еднаш на ден, истите тие беа кои велеа дека немаат повеќе од 10мл, уште од овде може да се воочи грешката, без стимулација нема млеко. Накратко ќе објаснам која беше мојата рутина: молзење на 3 часа, некогаш и на 2 ипол, се будев и во текот на ноќта, исто како бебето да цица, дефинитивно препорачувам да се инвестира во квалитетна и убава пумпа, не може да не се исплати ваквата инвестиција бидејки истите тие средства подоцна, доколку нема млеко мајката, би биле дадени на АД. Со многу труд, верба во себе и трпение, млекото ќе дојде, доколку патот е потежок од вообичаено, секогаш постојат стручни лица на кои потполно треба да им се верува и сослуша секој совет за да се постигне целта. Јас имав време на преттек, немав други дечиња и немав особени обврски и затоа обичната пумпа ми беше доволна.
Дојде моментот кога бебињата си дојдоа дома, веднаш пробавме да се доиме, бебиња со благ прематуритет малку имаа потешкотии да ја фатат градата и да се задржат на неа, беа нервозни, не цицаа повеќе од 5 минути, единствени мирни подои беа оние подои кои им беа за заспивање. Строго ми беше потенцирано да знам колку милилитарски ќе испијат, за да нема заостанување во растот и развојот, меѓутоа јас увидов дека нема потреба и ги доев без да водам забелешки (превземањето ризик не значи секогаш дека ќе има добар исход, можеби мене ми се посреќи или сум направила вистински добра проценка). Првата недела напреднаа во нормалните рамки за една недела, бев советувана сепак да дадам млеко да се осигурам дека им е доволно, се молзев и го давав тоа млеко, бебињата не знаеa да пијат од шише и јас повторно си се вратив на стандардното доење. Вториот месец качија и двајцата по неверојатни 1850 гр, тогаш знаев дека доењето е вистинскиот избор. Меѓутоа се соочував со најразлични проблеми: голема исцрпеност, постојано чувство на глад, недоволна енергија (морав да променам исхрана и тоа ми помогна, за ова ќе објаснам подоцна), за среќа семејството ми беше од огромна поддршка, сите останати домашни активности ги превземаа тие, јас имав цело останато време да поминам со бебињата (постојаниот допир и контактот кожа на кожа со бебињата дополнително го стимулираа млекото). Не чекав определено време да помине, ги доев кога сметав дека бараат млеко, а тоа беше скоро постојано, освен во текот на ноќта, ги будев на 2 ипол часа подоцна на 3 часа за да ги надојам. Во текот на ексклузивниот период на доење не употребував ништо потенцијално што би допринело негативни последици за доењето (лажалки, чајчиња, шишиња) можеби е престрого кажано и не би сметало кај доење на едно бебе, меѓутоа јас не превземав ризик да си олеснам себе си само за еден мал момент на спокој, моите гради беа единствен извор за нив, течност, храна, утеха, средство за смирување. Како поминуваа денови, недели, месеци, се повеќе се прилагодувавме, се осознавме, доењето станува се полесно и поприлагодливо. Како добиваа цврстина на тело, така доењето беше полесно да се изведе скоро на секоја локација и во секое време. Растењето на запчињата беше една кратка етапа во нашиот случај бидејки им пораснаа 8 запчиња во ептен краток период, доењето близнаци во тој период беше на тенка линија до вистински хаос, бебињата беа постојано на града, тоа е таа утеха која ја споменав претходно, буквално ноќта ја поминуваа во цицање или градата им служеше како глодалка и цуцла постојано. Меѓутоа издржавме и повторно се вративме во нормала.
Исхраната во текот на доењето за мене беше една од најглавните улоги. Огромна посветеност обрнав и на храната, бидејки се соочив со дигестивни проблеми кои дополнително ми ја одземаа енергијата. Морав да пронајдам начин на исхрана кој ќе ме оддржи сита, ќе биде доволна за мене, нема да бидам прејадена или гладна, а со тоа чуство секогаш под рака е и уморот, а уморот е најголемиот виновник за откажување од доењето и пречка за поминување квалитетно време со најмилите. Денот секогаш го започнував со свежи овошја, секогаш одбирав благи и зрели плодови кои за почеток на денот ми даваа одлична енергија, во првите месеци практикував и поголем внес на калории, што значи имав и уште еден избалансиран доручек по овошјето. Максимално внесував што по свежа храна: овошје, зеленчук, мешунки, семиња, квалитетно месо и риба, јајца.
Доењето близнаци е еден комплексен процес кој многу зависи од организираноста, поддршката и помошта од домашните, најмногу самата воља за доење, истрајност и едуцираност! Иако јас не посетував никакви предавања и обуки поради потешката бременост со близнаци, дефинитивно би се едуцирала да имав можност повеќе околу доењето, бидејки се соочив и имав почетнички дилеми, мислев дека немам млеко или моето млеко е слабо за двајца, плус сето тоа зачинето со некој демотивирачки коментар или чуство на несигурност може да ја добеде доилката да падне во искушение и да премине кон откажување. За среќа во нашата приказна ние активно се доиме, скоро на 11 месеци имаме помал број на подои, меѓутоа сите им се исклучиво мајчино млеко. Прилагодувањето кон нив и нивните потреби неколку пати ме довело во неповолни ситуации, проследени со висока температура поради наидување на поголема количина на млеко која не ја исцицале, меѓутоа за среќа, благодарение по советување со консултантнката за доење Јасна Апостолски – Николов ги елиминирав сите проблеми и пречки, доењето го нормализиравме и секако продолжуваме со доење.
Марга Маги Настевска Димоска