Ова е приказна за мајки кои со љубов и посветеност споделуваат мајчино млеко за исхрана на своите бебиња.

Споделувањето мајчино млеко е ретка појава и најчесто се случува во кругот на семејството. Но дури и тоа е охрабрувачко – секој пример на споделување ja зголемува свеста кај доилките за важноста на доењето и за бројните придобивки кои мајчиното млеко ги носи, и за бебињата и за мајките.

Кога една мајка не може да го дои своето бебе, а сепак сака тоа да се храни со мајчино млеко, идеално решение е банка за мајчино млеко. За жал, во нашата земја таква банка сè уште не постои. Друга можност е млекото да се преземе од мајка-донор. Според препораките на Академијата за медицина за доење, потребно е добро да се познава донорот, неговата здравствена состојба и да се разговара отворено пред да се пристапи кон споделување.

Сето ова е значително полесно кога млекото доаѓа од близок член на семејството или од мајка за која имаме доверба и информации за нејзиното здравје.

Со цел да мотивираме и други мајки и да му дадеме предност на мајчиното млеко, ви ја пренесуваме следнава инспиративна приказна од нашето училиште за трудници и доење „Бебелогија“.

Приказната на Вјоса и Ера

Вјоса Исмаили Туркеши е мајка на близначиња и редовно ги посетуваше часовите во нашето училиште. На почетокот беше скептична дали ќе може да ги дои двете бебиња, но во текот на часовите споделувајќи искуства од работата со мајки на близначиња, нејзината самодоверба се повеќе растеше. На 15.10.2024 година се родија близначињата Ирис и Бујар Боба. Мама Вјоса беше сѐ посреќна, бидејќи веднаш по породувањето, уште во родилиштето, започна позитивен развој на лактацијата. Откако се вратија дома, започна со доење и дополнителна стимулација за да се постигне ексклузивно доење на двете бебиња. И тоа го постигнавме за релативно краток период. Иако воопшто не ѝ беше лесно, за Вјоса доењето беше вистинско уживање и извор на гордост за сопствениот успех.

Можеби ќе ви се допадне:   Нега на телото за време и по бременост

Набргу по раѓањето на близначињата, во нивното пошироко семејство се роди уште едно бебе – малото Гег Туркеши.

Секое предвремено породување носи страв и неизвесност. Па Вјоса, сакајќи да ѝ помогне на мама Ера, ме повика на консултација за доење во нивниот дом. Малото бебе Гег, родено предвреме, доаѓа од Дебар, и додека престојуваа неколку дена во Скопје кај братучедите Ирис и Бујар Боба, имавме консултација за доење. Кога ја запознав мама Ера, беше преплашена и несигурна дали ќе може да го дои своето бебе, бидејќи дотогаш само се измолзуваше и го хранеше со шише. Со обуката, успешно ја научивме техниката за поставување на бебето на града и позициите за доење. Од тогаш, мама Ера и малиот Гег почнаа да уживаат во заедничките моменти на доење.

Нивната фамилија стана вистинска оаза на мајчинство – исполнета со мајки кои со љубов ги дојат своите бебиња и се поддржуваат меѓусебно. Она што дополнително ги поврза беше фактот што сега Ера има повеќе млеко отколку што му е потребно на нејзиното бебе, па редовно го собира, замрзнува и еднаш неделно го донира од Дебар во Скопје за близначињата Ирис и Бујар Боба.

Вјоса поради кратко породилно отсуство, мораше да се врати на работа. Нејзината свекрва со голема љубов се грижи за близначињата, а во отсуство на Вјоса, бебињата добиваат мајчино млеко од својата тетка Ера.

Складирано мајчино млеко. Сликата е во сопственост на “Бебелогија”. Објавена со дозвола.

Споделувањето млеко кај нив стана рутина.

Секој викенд, млекото замрзнато и правилно складирано се пренесува со фрижидерче од Дебар во Скопје, обично при враќање од семејна посета кај нивниот братучед Гег.

Можеби ќе ви се допадне:   Целијакија кај бебиња и деца
Транспорт на мајчино млеко при споделување. Сликата е во сопственост на “Бебелогија”, објавена со дозвола.

 

Оваа рутина трае речиси два месеца и е дел од нивното секојдневие.

Во мојата пракса сум сведочела на неколку примери на споделување млеко, но само краткорочно – во првите денови по породувањето. Вјоса и Ера се ретки примери каде споделувањето на мајчиното млеко е организирано, трајно и изведено со љубов, доверба и грижа. Тие ќе продолжат со оваа пракса сè додека е возможно, за мајчиното млеко да остане дел од исхраната на близначињата и во периодите кога мама Вјоса е отсутна.

Пишува: Јасна Апостолски-Николов дипл.мед.сестра, IBCLC-Меѓународен сертифициран консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.