
Мајката е личност со која бебето поминува најмногу време и со која се чувствува најбезбедно. Едноставно мајката е незаменлива личност во животот на бебето, личност во која бебето има најголема доверба. Кога настапуваат овие промени во развојот бебето се чувствува збунето. Почнува да плаче, понекогаш одеднаш и едноставно сака времето во текот на денот да биде во прегратките на мајката. Кога ќе порасне во ваквите периоди ќе сака да биде постојано покрај мајката. Или едноставно ја фаќа за одреден дел од телото и ја прати во секое движење. Ваквата реакција покажува дека ја бара близината на мајката, покрај која се чувствува сигурно и безбедно. Кога бебето станува плачливо и тоа настанува одеднаш и трае подолго, почнувате да се загрижувате или станувате вознемирени поради ваквото однесување. Се прашувате што се случува, кога ќе помине овој период и кога бебето ќе си биде како што било претходно. Ќе почнете да забележувате промени кај бебето кои претходно не сте ги забележувале. И вашето бебе ќе почнува да се навикнува на промените. Периодот ќе заврши, а вие ќе имате бебе со нови навики и вештини.
Вашето бебе расте!
Запомнете неколку работи што најчесто ги преферираат бебињата во овие периоди:
- Сакаат поголемо внимание од мајката
- Сакаат да си играат со мајката и да ги усовршуваат новите вештини
- Сакаат да си играат самите со себе
Но, најважното е дека сите овие работи се случуваат кога вашето бебе ќе посака и кога тоа ќе биде расположено за играње или внимание од мајката. Понекогаш ќе ви се случи да седнете до бебето и да сакате да си играте, а тоа да не ви ја прифаќа играта и да почне да негодува. Затоа, бидете трпеливи и угодувајте му на бебето. Така полесно ќе ги надминете овие периоди кои понекогаш се исцрпувачки.































