
Кога станува збор за доење најчесто акцентот се става на продобивките од доењето за бебето и неговиот раст и развој. Но, многу малку се обрнува внимание на другата страна кои се придобивките од доењето за мајката? Мајката и бебето се еден индивидуален доенечки пар и целиот тој период всушност се целина.
Како IBCLC консултант за доење кој е во постојан контакт со мајки доилки често пати се сретнувам со момент каде кај мајките под влијание на околината емотивната страна и самодовербата се веќе разнишани, кога наместо поддршка од најблиските, партнерот, фамилијата добиваат негативни критики “немаш доволно млеко, не го изгладнувај детето и сл.” не би сакала да набројувам повеќе бидејќи и кога мајките ќе го читаат текстот сигурна сум дека солзите ќе им навираат во очите.
Безброј пати сте сретнале, прочитале, слушнале доењето не е само начин на хранење на бебето, туку и најголемата емотивна врска помеѓу мајката и бебето.
Ајде да видиме кои се придобивките од доењето за менталното здравје на мајката.
Kathleen Kendall Tackett во својата книга “Breastfeeding does not need to suck” опишува како најчесто мајките кога бараат помош заради одредени промени во своето однесување (постпородилна депресија, анксиозност и сл.) нејчесто добиваат совет да престанат да дојат и да почнат со соодветна терапија. Заклучокот од нејзината работа на ова поле е дека многу од мајките даваат податок дека здравствените работници кога доилката ќе ја раскаже својата приказна и промените во однесувањето сметaат дека доењето за нив е тешко, напорно и го доживуваат како обврска. Некои пак сметаат дека лековите кои треба да ги конзумира една мајка доилка не се компактибилни со доењето и дека мајката треба да престане да дои иако развојот на науката на ова поле докажува дека голем број од тие лекови се компактибилни со доење. Но, дали некој се запрашал како се чувствува мајката во тој момент?
Следниот чекор да се размислува како доењето влијае на менталното здравје на мајката потекнува од физионеуроимунологијата. (physioneuroimmunology-PNI). Експертите од оваа област најчесто не го проучуваат доењето но, Dr. Maureen Groer обрналa внимание на ова поле. (Groer&Davis, 2006; Groer & Kandall-Tackett,2011). Таа открива дека физичкиот акт на доење го исклучува инфламаторниот одговор на мајката што е клучниот момент за да разбереме зошто доењето го заштитува менталното здравје на мајката.
ДОЕЊЕТО ЈА МЕНУВА ФИЗОЛОГИЈАТА НА ДЕПРЕСИЈАТА
Kathlen Kendall Tаckett која долги години се занимава со истажувања на полето на постпородилната депресија и е авторка на повеќе книги објаснува дека многу често здравствените работници советуваат да се прекине доењето отколку да се размислува да се зачува менталното здравје на мајката за кое доењето има огромен придонес.
За да го разбереме нејзиното тврдење дека доењето има улога во менталното здравје на мајката таа прво ја објаснува реакцијата на одговорот на стрес и основната физиологија на менталното здравје.
“Одговорот на стрес” се состои од три компоненти: катехоламините, оската на хипоталамус-хипофиза-надбубрежна жлезда и воспалението. Секој од овие три одговори може да ве спаси кога сте во опасност но, може и да предизвика проблем доколку се постојано активни.
Од сите три, клучна улога во зачувување на менталното здравје на мајката има “инфламаторниот одговор”. Зошто?
Инфламацијата е физиолошки механизам кој лежи во основата на депресијата и другите ментални состојби (Bergink at all.2014; Kendall Tucket, 2007). Кога инфламаторните молекули се големи и присутни во плазмата, поголема е веројатноста да бидат депресивни. Кога се помали помала е веројатноста. Доењето го исклучува инфламаторниот одговор преку окситоцинот. Окситоцинот се нарекува уште и “хормон на среќата” или “хормон на соединување”. Окстицинот е антистрес хормон кој ги одржува луѓето здрави во текот на животот.
Окситоцинот и стресот се поттиснуваат еден со друг. Кога окситоцинот е активен го поттиснува стресот дури и инфламаторниот одговор. Наспроти тоа кога стресот е активен окситоцинот е поттиснат. Ете зошто стрес за време на породувањето може да влијае на почетокот на доењето и лактацијата. Окситоцинот е исто така одговорен за контракциите на матката, доколку е поттиснат неможе да го изрази своето дејство.
Оваа корелација и врска на окситоцинот и стресот влијае на многу други работи во тек на породувањето, развојот на лактацијата и доењето. Ајде да го видиме заклучокот како доењето влијае на менталното здравје на мајката?
Доколку имаме успешно доење тоа го одржува нивото на окситоцин кој пак делува поттиснувајќи го инфламаторниот одговор со што се спречува ризикот за појава на посттрауматски стрес, депресија, анксиозност и сл. Тоа не значи дека кај мајките доилки неможат да се појави депресијата, но доењето го намалува ризикот од појавата или доколку се појават одредени симптоми или промена во однесувањето и помага на мајката полесно да се справи со истите. За многу мајки доењето е “спас” или како што вели актерката Брук Шилдс, 2006 која истовремено е и поборник за постпородилната депресија: “се чинеше дека доколки го тргнам бебето од града и го прекинам доењето ќе го одстранам тој притисок. Но, никој неможеше да разбере дека доењето беше единствената и најјаката поврзаност со бебето. Ако ми го одземеа и тоа јас никогаш немаше да можам да се справам со оваа ноќна мора. Доењето за мене беше спас. Тоа беше нешто што ме правеше единствена во грижата за бебето, една непобедлива врска па дури и да е само физичка. Без тоа она можеби и ќе ме загубеше засекогаш” (стр.80-81, Breastfeeding does not need to suck, Kathleen Kendall Tackett, 2022)
Извор: “Breastfeeding doesn’t need to suck”, Kathleen Kendall Tackett, 2022
Пишува: Јасна Апостолски – Николов – дипл.мед.сестра, IBCLC консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници



































