Момент со кој се соочува секоја родилка, момент кога си поставуваат безброј прашања на кои самите едноставно немаат одговор – колку често треба бебето да цица, која е количината на млеко која треба да ја цица бебето за време на еден подој, колку треба да трае еден подој и уште многу дилеми кои ја мачат секоја една нова мајка доилка.
Ајде да се завртиме кон минатото. Дали нашите мајки, баби имале одговор на овие прашања или едноставно го следеле бебето и реагирале на неговите знаци на глад? Времето во кое живееме и достапноста на информациите ни ги дава одговорите на овие прашања со цел да се охрабрат мајките да го одржат доењето.
За да биде полесен овој период да ја објасниме динамиката на подоите во првите 4-6 недели-период кога се развива лактацијата.
ИНТЕНЗИТЕТ НА ПОДОИТЕ И СОЗДАВАЊЕ НА МАЈЧИНОТО МЛЕКО
Фреквенцијата на подоите се менува во текот на неделите, месеците и годините како расте бебето. Во првите 40 дена телото на мајката е подготвено за создавање на мајчиното млеко. Иако хормоните ја имаат првата и основна улога во создавањето на мајчиното млеко, главната улога ја има фреквенцијата на подоите и празнењето на градата, без разлика дали е со доење или измолзување. Создавањето на мајчиното млеко е под таканаречена “автокрина-локална конторола” – колку почесто се празни градата толку повеќе млеко се создава, затоа е важно на секоја побарувачка од страна на бебето да го ставаме на града за да ја стимулираме ова фреквенција на создавање на мајчино млеко. Доколку мајката доилка го следи бебето и реагира на секоја негова потреба развојот на лактацијата оди по еден нормален тек што на крајот на овие 40 дена би значело дека градата ќе произведува многу повеќе млеко отколку што му е потребно на бебето. На секоја една мајка доилка во овој период и се чини дека бебето е постојано на града, тоа е затоа што бебињата имаат долги подои – спојуваат еден со друг подој. Во просек едно бебе треба да има 8-12 подои, но кај новороденчињата заради честото цицање најчесто се и повеќе.
Тоа е еден од оние моменти кога доилката се запрашува “дали имам доволно млеко”?
СО ШТО СЕ СООЧУВАМЕ ПРВАТА НЕДЕЛА?
Со чести подои во првата недела количината на мајчиното млеко постепено се зголемува. Ако првиот ден сме имале вкупен волумен од 37 мл. на ден кон крајот на првата недела или 7-от ден имаме 576 мл. на ден. Истовремено во овој период желудникот на бебето расте и кон крајот на првата недела во просек може да собере 30-59 мл. на ден. Како расте бебето така расте и желудничето на бебето, бебето цица поголема количина на млеко, а градата произведува онолку млеко колку што му е потребно на бебето за таа возраст.
ШТО СЛЕДУВА ВО ВТОРАТА И ТРЕТАТА НЕДЕЛА?
Со чести подои се зголемува и создавањето на мајчиното млеко. Во просек за оваа возраст бебето би требало да цица околу 591-750 мл. за 24 часа. На оваа возраст бебињата најчесто го зголемуваат времетраењето и бројот на подоите со цел да се зголеми продукцијата на млеко согласно неговите потреби за раст и развој. Овие периоди на чести и долги подои се нарекуваат периоди на скокови во развој.
ЧЕТВРТАТА И ПЕТТАТА НЕДЕЛА
На оваа возраст бебињата цицаат околу 89-118 мл. на секој подој или за 24 часа околу 750-1035 мл. Но, не секогаш оваа количина за секој подој е иста кај бебињата. Она што е важно на крајот е првиот месец е напредокот во тежина кај бебето. Доколку тоа ги задоволува минималите граници за раст во тежина, советот е да се продолжи со доење притоа да се земат во предвид други фактори кои можат да влијаат и да го одложат развојот на лактацијата. Секако овој период е важно бебето да се следи од стана на матичен педијатар и да се остварува соработка со консултант за лактација кој ќе и помогне на мајката да го надмине овој период и да биде поддршка доколку постои одреден проблем во првите денови после породувањето. Бидејќи бебето расте, а неговиот метаболизам се успорува неговите потреби за вкупен волумен на мајчино млеко за 24 часа остануваат исти до 6-от месец.
Но, не се сите бебиња исти. Доколу се мерат подоите за да се види вкупниот волумен на млеко за 24 часа, постојат бебиња кои со внес на помала количина на млеко напредуваат во тежина повеќе од оние со поголем внес на мајчино млеко. Важно е да го следиме бебето, неговиот раст и развој.
Првите 40 дена се најтешкиот период за една мајка, кога и самата незнаејќи ги одговорите на овие прашања ја губи самодовербата. Помошта и поддршката од фамилијата е еден од важните фактори кои би влијаеле овој период. Мајката е постојано со бебето, бебето цица често и тоа е она што е нормален тек за првите 40 дена. Она што треба да го знае секоја една мајка доилка е дека овој период на прилагодување, развој на лактација трае 4-6 недели. Иако бебето расте и се зголемува неговата потреба за мајчино млеко важно е да се запомни дека градата произведува онолку млеко колку што му е потребно на бебето за таа возраст. Ваквата динамика на подоите ќе се регулира после овие 6 недели, бебето ќе цица пократко и временското растојание од еден до друг подој ќе се зголемува.
Бидете упорни, издржете го овој период на прилагодување, давајте му на бебето да цица, гушкајте го и уживајте во мајчинството. Доењето не е само начин на исхрана на бебето, тоа овозможува голема емотивна поврзаноста на мајката со бебето, нераскинлива врска која иако на почетокот е големо искушение кое треба да го надминат заедно и мајката и бебето, сепак кога ќе дојде момент за откажување емотивно го доживуваат и двајцата како целина.
Пишува: Јасна Апостолски Николов дипл.мед,сестра, IBCLC (Меѓународен сертифициран консултант за доење), сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници)