Една од основните грижи на една мајка доилка е продукцијата на млеко и она што може да влијае на продукцијата. Кога ќе се воспостави лактацијата доилките се загрижени за одржување на лактацијата-продукцијата на млекото. Внимаваат на сите фактори кои можат да влијаат за намалување на лактацијата, меѓу нив една честа дилема е дали доколку се воспостави менструалниот циклус додека доиме ќе се намали продукцијата на млеко?

Имајте на ум дека за мнозинството на родители, развојот на лактацијата е тежок процес. До пред околу 150 години опстанокот на човековиот вид зависеше од тоа. Се до 1880-те не постоела безбедна замена за мајчиното млеко, не постоеле адаптираните млека.

Како се развива лактацијата?

За добра динамика на целиот процес одговорна е двојката мајка-бебе. Во градата постојат млечни жлезди кои произведуваат мајчино млеко доколку ги стимулираме. Градата работи на принципот “побарувачка-понуда”-колку ќе побараме толку ќе произведе. Затоа оние мајки кои ги дојат бебињата реагирајќи на нивните потреби, кога сака и колку сака бебето и дополнително се измолзуваат ја стимулираат градата да произведува доволно млеко. Мајките на близнаци или мајки на тројки доколку ги следат соодветните совети успеваат да обезбедат млеко за повеќе бебиња. Колку почесто ја празниме градата, таа добива стимулација да произведува повеќе млеко.

Да се навратиме на почетокот и да одговориме на прашањето “Дали менструалниот циклус има влијание на продукцијата на мајчино млеко”?

Некои доилки не забележуваат промена во продукцијата на мајчино млеко за време на менструалниот циклус. Ова укажува дека промените се индивидуални. Имајте на ум дека предвремено враќање на менструалниот циклус може да е резултат на помал број подои во текот на денот, што доведува до намалена продукција на млекото. Значи, наместо менструалниот циклус да влијае на забавена продукција на млеко, помал број подои или помалку измолзување во текот на денот можат да бидат причина за враќање на менструалниот циклус.

Можеби ќе ви се допадне:   Рефлекс на исфрлање на бебето при породувањето

Сепак некои мајки доилки иако бебето добро напредува, има соодветен број на подои во текот на денот, забележуваат намалено производство на млеко во текот на менструалниот циклус. На што се должи ова? По овулацијата нивото на естроген и прогестерон во крвотокот се зголемува, а нивото на калциум опаѓа. Кај некои мајки високото ниво на естроген предизвикува намалена продукција на млеко. Но, сето ова да го има тој ефект врз производството на млеко нивото на естроген треба да биде многу повисоко деновите кога настапува циклусот, отколку нивото на естрогенот кој го имале деновите после овулацијата.

Намалената продукција на млеко може да ја почувствуваат неколку дена по настапување на циклусот, потоа се враќа во нормален тек. Некои забележуваат намалување на млекото почнувајќи од средина на циклусот до 2-3от ден од настапување на менстуралниот циклус. Совет за мајките доилки е да ја зголемат стимулацијата на градата, редовно доење на бебето и по потреба дополнително стимулирање со пумпа за измолзување. Во книгата “The womanly art of breastfeeding” совет е “земете 500-1000 мг Калциум на ден од средина на циклусот до третиот ден по настапување на менструацијата”. Некои експерти советуваат истовремено да се зема и магнезиум по 250 мг на ден. Доколку имате  потреба од повеќе совети за зголемување на продукцијата на млеко обратете се на консултант за доење.

Како реагираат бебињата?

Иако градите не ги чувствувате полни сепак градата произведува млеко. Можеби го нема силниот млаз на почетокот на подојот но, сепак лактацијата се одржува. Бебињата може да бидат повеќе плачливи, нервозни, бидејќи ја осеќаат промената во млазот на млекото, токму поради тоа да сакаат да цицаат почесто и да ги спојуваат подоите што ќе ве натера да  помислите дека се враќате на почетокот кога вашето бебе беше новороденче. Сето ова е нормално однесување и не треба да ве загрижува бидејќи честото цицање на бебето ќе ја зголеми стимулацијата која ни е потребна.

Можеби ќе ви се допадне:   Психофизичка подготовка на трудниците за породување

Намалената продукција на мајчино млеко за време на менстуралниот циклус е нормална, временски ограничена и се се враќа во нормален тек 2-3 дена по настапување на циклусот (менструацијата).

Освен намалена продукција на млеко за време на менструалниот циклус можете да забележите и поголема чувствителност на брадавиците и доењето на моменти да станува непријатно. Но, трпение, се е временски ограничено!

Пишува: Јасна Апостолски Николов дипл.мед.сестра, Меѓународен консултант за доење IBCLC, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници

Извор: Breastfeeding answers-second edition, Nancy Mohrbacher, IBCLC,FILCA