Предвременото породување од секој агол е еден вознемирувачки момент за сите родители. Особено за мајките кои на поинаков начин го замислуваат моментот кога на свет доаѓа нивното новородено. Но, и покрај бурата од емоции сепак во еден момент помислуваат како ќе го воспостават доењето. Во поголемиот број предвремени породувања бебињата остануваат подолго време во единиците на интензивна нега во родилиштата, а мајките заминуваат сами во својот дом.

Во тие мигови се соочуваат со моментот “како да воспоставам лактација”? Како да воспостават лактација додека нивното бебе не е до нив, која е постапката за измолзување и складирање на мајчино млеко, колку пати во текот на денот треба да се измолзуваат? Ова се дел од прашањата што најчесто ги поставуваат мајките.

Една од многуте мајки на предвременородено бебе е и мама Мартина која по излегувањето од болница побара помош за воспоставување на лактација додека малата Миа родена во 32 гестациска недела сеуште престојуваше во болница. Постои одреден протокол кој треба да го следат мајките на предвремено родените деца но, кај секоја од нив различен е патот до постигнување на целта. Она што е најважно е нивната желба да го дојат своето бебе и да имаат помош и поддршка која ќе ги води во целиот процес од страна на консултант за лактација. Зошто е потребна помош од стручни лица?

Накратко да објасниме. По дадените насоки за стимулирање на лактацијата кај мама Мартина овој чекор за кратко време вроди со резултат. Складиравмe мајчино млеко за малата Миа. Покрај обврските дома, мама Мартина одеше и во родилиштето каде што се измолзуваше и оставаше млеко за малата Миа. Често пати овие мајки знаат да наидат на некоја речница од страна на околината ( членови на фамилијата или некој здравствен работник) како на пример реченица која често ја слушам “ Зошто се мачиш, многу деца израснале на адаптирано млеко”. Но, дали некој помислил како се чувствуваат мајките кога ќе ја слушнат овааа реченица? Како тоа се одразува на нивната емотивна состојба? Најважно од се е дека ТИЕ НЕ СЕ МАЧАТ, ТУКУ СЕ ТРУДАТ ДА ГО НАПРАВАТ НАЈДОБРОТО ЗА СВОЕТО БЕБЕ , А ТОА Е ДА БИДЕ НА ИСХРАНА СО МАЈЧИНО МЛЕКО.

Можеби ќе ви се допадне:   Проблеми при доењето: Преполни дојки

Од како мама успешно ја воспостави лактацијата и имаше доволно складирано мајчино млеко дојде моментот кога малата Миа после еден месец поминат на интензивна нега ја пуштија дома кај мама и тато. И дојдовме до моментот кога требаше да се соочиме со мигот дека Миа треба да цица. Овој миг исто така предизвика бура од емоции кај мама Мартина и низ главата и поминуваа безброј прашања дали ќе може правилно да ја постави, дали ќе цица доволно, како мама ќе знае дека нејзинот млеко ги задоволува потребите на малата Миа? На нашата повторна средба ги решивме овие дилеми кај мама освен моментот доење. Со моја помош малата Миа цицаше но, мама беше во неверување и страв дали ќе успее сама да ја постави на наредниот подој. Исто како и кај термински родените деца и кај предвремено родените деца е потребно многу трпение и упорност од страна на мајката. На почетокот измолзувањето и додавањето со шишенце им изгледа полесно на мајките но, подоцна целиот тој процес им станува огромна обврска , а истовремено и стрес дали ќе успеат да  измолазт доволно за оброк за своето бебе. Кога веќе и самите гледаат дека бебето добро напредува почнуваат да веруваат во она што им го кажувам дека само упорност и трпение ќе ни даде резултат-успешно доење.

После еден месец од нашата средба мама Мартина ме израдува со веста дека веќе успешно се дојат само на града и дека таа повеќе не се измолзува. И покрај сомнежот и неверувањето сепак на крајот трпението и упорноста победуваат. Покрај честите мерења во претходниот месец мама Мартина беше толку сигурна во себе што рече дека сега не ни одат толку често на мерење од моментот кога Миа само цица од градата.

Можеби ќе ви се допадне:   Human milk - Species specific!

Се радувам на овие мигови, посебно кај мајките на предвремено родените деца. Одделени од бебето, сами дома, бебето далеку од нив, покрај огромниот стрес и мисли кои се секогаш кај бебето треба да им биде мотив да воспостават лактација и да се подговат за моментот на доење.

Иако на сите мајки им изгледа невозможно тоа мало и кревко бебенце дека може да цица сепак овие големи борци знаат многу повеќе од она што ние мислиме. Рефлексот за цицање е вроден треба само спокојно да пристапиме кон доењето и најважно мајките да ја имаат самодовербата во себе дека можат да постигнат ексклузивно доење и кај предвремено родени деца. За сите нив низ целиот процес потребна е огромна поддршка од семејството и секако помош од консултанти за лактација кои ќе им бидат помош и поддршка во првите мигови. При секоја моја посета морам да истакнам дека мама Мартина имаше поддршка од сите членови на семејството кои беа секогаш присутни и и даваа до знање дека ќе ја поддржат секоја нејзина одлука.

На мама Мартина како и на останатите мајки им се заблагодарувам на довербата. Приказните секогаш се мотив за идните мајки кои сакаат да успеат во доењето на своето бебе без разлика дали е предвремено родено или термински родено бебе.

Нашата приказна ја раскажавме во неколку реченици но, за нив ова беше процес кој траеше два месеци и на крајот сепак постигнавме успех!

Пишува: Јасна Апостолски-Николов, допл.мед.сестра, IBCLC-Меѓународен сертифициран консултант за доење, Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници