Раздвојување на m.rectus abdominis по должината на средишната линија (Linea alba) се нарекува дијастаза. Со раст на плодот за време на бременоста расте матката што допринесува за растегнување на мускулите на абдоменот. Ова може да биде причина двете паралелни групи на мускули кои се спојуваат во средината на абдоменот да се раздвојат и доведуваат до состојба која се нарекува дијастаза. Таа празнина може да биде по должината на средишната линија почнувајќи од последното ребро сe до почетокот на карличната коска. Се јавува кај 30-40% од трудниците, најчесто во третиот триместар од бременоста или по породувањето. Почесто се јавува кај жените кои веќе родиле, имале повеќе бремености или имале близначка бременост. Слабост на абдоминалната мускулатура поради физичка неактивност исто така може да биде причина за појавата на дијастаза.  Кај жени кај кои претходно била присутна ингвинална или вентрална хернија имат ризик за појава на дијастаза во тек на бременост.

Како можете да проверите дали имате дијастаза?

Доколку одите на часовите психофизичка подготовка на трудници едукаторите кои ги водат часовите се обучени како може да се провери дали кај трудниците дошло до појава на дијастаза. Доколку за време на бременоста не се појавила дијастазата, трудницата ќе знае како после породувањето може самата да провери дали е присутно раздвојување на абдоминалните мускули-дијастаза.

Ќе ви дадеме совет самите да се обидете да проверите дали имате дијастаза. Легнете на под со свиткани нозе во колениците. Рацете да бидат покрај телото, а главата малку подигната. Треба да имате некој покрај вас кој ќе може да провери дали по должината на средишната линија на стомакот постои празнина, дел кој е помек со димензии околу 2,5см. (два прста). Убаво напипајте го делот околу папокот, под и над папокот, десно и лево од папокот. Во ваков случај се работи за физиолошка дијастаза.

Можеби ќе ви се допадне:   Нега на телото за време и по бременост

Вежбањето може да помогне. Секое вежбање кое допринесува за зајакнување на мускулатурата може да помогне во повлекување на физиолошката дијастаза. Доколку се работи за патолошка дијастаза (поголема од 2.5см) за вежбање треба да се консултира стручен физиотерапевт која ќе спроведе соодветен програм на вежби.

Погрешното вежбање може да ја влоши состојбата.

Дали може превентивно да се делува и да се спречи појавата на дијастазата?

Она на што треба да внимаваат трудниците е станувањето од кревет или станување доколку лежат на под. Секогаш треба во исто време да го вртат телото на страна (телото и главата во иста линија) и да ги користат рацете за подигање на трупот од лежечка во седечка положба.

Посебно внимание да се обрне на постпородилниот период. Кога подигнувањето и спуштањето на бебето е најголема обврска на мајката. Се советува трудниците да носат појас кој може да помогне во спречување на појавата на дијастазата.