ЧУВСТВО НА НЕЗАДОВОЛСТВО, НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ, ТАГА ВО МОМЕНТОТ ПРИ ДОЕЊЕ (ПРЕД ИСФРЛАЊЕ НА МЛЕКОТО)

“D-MER” – претставува состојба на појава на дисфорија, се појавува одеднаш во моментот кога бебето го ставате на града и започнува рефлексот на исфрлање на млекото. Ова чувство трае од 30 секунди до 2 минути и исчезнува. Најчесто после првиот бран на исфрлање на млекото дисфоријата исчезнува но, кај некои мајки кај кои во текот на еден подој има повеќе бранови на исфрлање на млекото чувството на дисфорија се појавува пред секое рефлексно исфрлање на млекото.

Дисфоријата се опишува како состојба при која се појавува чувство на непријатност, тага, вознемиреност, анксиозност, немир. Дисфоријата претставува состојба спротивна на еуфоријата.

“D-MER” – не се појавува како психолошки одговор на доењето туку како психолошки одговор на исфрлање на млекото. Не претставува симптом на постопородилната депресија ниту пак се карактеризира како вид на поспородилно психолошко нарушување. Се смета дека настанува како резултат на несоодветна активност на Допаминот во моментот пред исфрлање на млекото.

Зошто токму Допаминот?

Ослободувањето на млекото од млечните канали е резултат на хормноски ланец. Хормонот Окситоцин е одговорен за ослободување на млекото, а Допаминот ја инхибира активноста  на Пролактинот – хормон која учествува во создавањето на мајчиното млеко. За да порасне вредноста на Пролактинот треба да падне вредноста на Допаминот. Кај мајките кои имаат “D-MER” постои нагло паѓање на вредноста на Допаминот и потребни се неколку минути да се стабилизира концентрацијата и да исчезне чувството на дисфорија кај мајката (време кое е потребно да порасне и вредноста на Пролактинот)

Можеби ќе ви се допадне:   Вроден Тортиколис

“D-MER” – нема никаква поврзаност со дразнењето на брадавицата, со иритација или било каква надворешна дразба. Дисфоријата може да се појави и кога бебето не цица, а мајката има спонтани рефлекси на исфрлање на млекото. “D-MER” – не е рефлекс туку спонтана појава која мајката ја дожувува како чувство на тага.

Постојат неколку класификации на “D-MER” – блага, умерена и тешка.

Класификацијата зависи од состојбата која ја опишува мајката, должината на времетреање, колку пати се појавува.

Доколку се работи за блага состојба обично времетраењето е до третиот месец.

Умерената состојба временски се одржува до деветиот месец. А потешката форма е до една година па можеби во некои случаи и подолго.

Совети за мајките: потребна е едукација на мајките за состојбата и разбирање од нивна страна дека се работи за емоционално чувство, а не психолошко нарушување.

Кај поизразените состојби треба да им се напомене дека заморот, недоволниот внес на течности и стресот можат да ја истакната состојбата. Се советуваат да вежбаат, користат прошетки на свеж воздух, повеќе да се одмараат, да избегнуваат стрес и да внесуваат повеќе течности. Кај мајките со потешките форми кај кои едукацијата и поддршката не е доволна, а самата состојба може да доведе до одбивање на бебето од градата во консултација со лекар се даваат и лекови кои ја регулираат количината на допамин. Овие третмани кај потешките форми даваат резултат. Забележани се случаи кај мајки кај кои при модификација на исхраната со намалување на внесот на јаглехидратите и зголемен внес на протеини е подобрена состојбата.

Сепак, експертите кои работат на ова поле неможат со сигурност да кажат дека е тоа еден вид третман, но постои подобрување на состојбата кај мајките кај кои е препорачана промена на исхраната.

Можеби ќе ви се допадне:   Галактореа-симптом или болест?

“D-MER” – за првпат е идентификуван од страна на Alia Macrina Heise, IBCLC во 2007 година. Таа самата го почувствувала кога го доела своето трето дете.

Автор: Јасна Апостолски – Николов – Меѓународен консултант за лактација IBCLC