
Секоја трудница во последното тромесечие понекогаш се запрашува дали чувствува движења на плодот или сепак се работи за контракции на матката?
Движењето на плодот во матката, ударот на бебето со лакт, коленото во ѕидот на матката, трудницата ги чувствува како движења на плодот. Постојат неколку карактеристики по кои секоја трудница може да ги разликува движењата на плодот од контракциите. Најважната карактеристика е што се појавуваат одеднаш, без претходна најава и траат многу кратко 4-5 секунди. Се чувствуваат на одреден дел на стомакот, местото на кое се чувствуваат не е секогаш исто, се менува бидејќи и плодот ја менува својата положба во матката најчесто кога се работи за мала бременост (првите две тромесечија). Понекогаш движењата на плодот можат да бидат со поголем интензитет но, трудницата не ги чувствува болни бидејќи плодот плива во плодовата вода. Движењата се чувствуваат и зголемуваат многу повеќе при длабоко дишење. Оваа појава можат да ја забележат трудниците кои посетуваат часови за психофизичка подготовка на трудници кога се вежбаат техниките на дишење. Оваа е сосема нормална појава бидејќи се внесува поголема количина на кислород во крвотокот на бебето.
Во последните недели од бременоста покрај движењето на плодот се појавуваат и контракции на матката. Како да ги разликува трудницата од движењето на плодот? Контракциите на матката исто така се појавуваатво во било кој период на денот, а се разликуваат од движењата на плодот по тоа што не се ограничени на одреден дел на стомакот туку ја зафаќаат целата матка, која за време на контракцијата станува тврда. Трудницата ги чувствува како силно затегнување на стомакот. Ако ја стави раката на стомакот ќе осети дека е тврд, и постепено стомакот омекнува. Контракциите на матката траат подолго околу 20-60 секунди. Тоа е уште една карактеристика по која може да ги разликува од движењето на плодот. Трудницата која ги следи контракциите на плодот може да забележи дека тие се појавуваат во зависност од положбата на телото. Најчесто ги чувствува ноќе, кога си легнува и кога ја менува положбата во креветот.
Секоја трудница треба да ги следи контракциите во текот на бременоста. Така ќе се запознае со контракциите кои ќе ги има за време на породувањето. Разликата од контракциите во бременоста до контракциите кои го следат раѓањето на бебето е во тоа што контракциите за време на раѓањето се јавуваат во правилен временски интервал и нивната јачина постепено се зголемува.



































