
Често наидувате на различни насоки за складирање на мајчино млеко? Тоа ве наведува да се замислите и да си го поставите прашањето зошто експертите не се согласуваат во тоа, зошто не се даваат единствени и конкретни насоки?
Има логично објаснување како одговор на ова прашање и објаснување на овие разлики. Ако еднаш ги прочитате и воочите разликите тогаш ќе можете безбедно да го складирате и чувате мајчиното млеко.
“Идеално” наспроти “Добро”
На крајот на овој текст ќе прочитате дека кај одредено време за складирање на мајчиното млеко има означено „Идеално“ а кај некои „Добро“. Помеѓу „идеално“ и „добро“ измолзеното мајчино млеко е во ред, но се губат одредени витамини, антиоксиданси и други фактори.
Одредени организации како што е Американската академија за доење препорачуваат пократки „идеални“ времиња затоа што препорачуваат да се користи мајчиното млеко пред да изгуби одредени делови од својот состав.
Секогаш е подобра опција да се користи измолзеното мајчино млеко побрзо, но вашето измолзено мајчино млеко и после 8 дена чувано позади во фрижидерот ќе биде во ред и е подобра опција отколку адаптираното млеко.
Која е вашата собна температура?
Некои упатства за складирање на мајчино млеко се раликуваат бидејќи имаат означено различна собна температура. Идеална собна температура е 19-22 степени целзиусови.
Дали мајчиното млеко било претходно замрзнато или не?
Разликата во упатствата исто така се разликува во зависност од тоа дали млекото е свежо и ладно или претходно замрзнато. Замрзнувањето ги убива оние клетки во млекото кои го штитат од расипување. Пред да го употребите млекото мириснете го. Расипаното млеко мириса на расипано. Затоа постои разлика во употребата на свежо измолзено мајчино млеко и претходно замрзнато мајчино млеко.
Доколку сеуште се двоумоите кои насоки да ги следите поставете си го прашањето: Дали моето бебе е здраво? Зошто токму ова прашање? Затоа што насоките за складирање и чување на измолзено млеко кај мајките на предвремено родените бебиња кои сеуште се во болничка установа се раликуваат од насоките за складирање на мајчино млеко на мајка чие бебе е термински родено и е со мајката дома. Предвремено родените бебиња се повеќе склони кон болести и затоа препораките за складирање на мајчиното млеко се малку посторги.
Кај бебињата кои се на ексклузивно доење се препорачува мајките доколку имаат потреба да го користат свежо измолзеното мајчино млеко или млеко кои било складирано во обичен фрижидер. При замрзнувањето се уништиваат антителата, но и покрај тоа мајчиното млеко е подобар избор отколку формулата.
Насоки за чување на мајчино млеко кај термински родени бебиња (при собна температура 19-22 степени Целзиусови)
- свежо измолзено: 6-10 часа
- замрзнато па одмрзнато: 4 часа (идеално 2 часа)
- замрзнато па одмрзнато, затоплено, но сеуште не дадено на бебето: до завршување на подојот
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: до завршување на подојот
Насоки за чување на мајчино млеко (при собна температура 23-25 степени Целзиусови)
- свежо измолзено: 4 часа
- замрзнато па одмрзнато: 4 часа
- замрзнато па одмрзнато, затоплено но сеуште не дадено на бебето: до завршување на подојот
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: до завршување на подојот
Насоки за чување на мајчино млеко во кулер торбичка
- свежо измолзено: 24 часа
- замрзнато па одмрзнато: не се препорачува чување на овој начин
- замрзнато па одмрзнато, затоплено, но сеуште не дадено на бебето: не се препорачува чување на овој начин
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: не се препорачува чување на овој начин
Насоки за скалдирање на мајчино млеко во фрижидер – 4 степени Целзиусови
- свежо измолзено: ИДЕАЛНО – 4 ДЕНА, ДОБРО – 8 ДЕНА
- замрзнато па одмрзнато: 24 часа
- замрзнато па одмрзнато, затоплено, но сеуште не дадено на бебето: 4 часа
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: остатокот се фрла
Насоки за скалдирање на мајчино млеко во фрижидер замрзнувач (-18 степени Целзиусови)
- свежо измолзено замрзнато : 3-4 месеци
- замрзнато па одмрзнато: не се препорачува повторно замрзнување
- замрзнато па одмрзнато, затоплено, но сеуште не дадено на бебето: не се препорачува повторно замрзнување
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: остатокот се фрла
Насоки за скалдирање на мајчино млеко во фрижидер длабок замрзнувач (-18 степени Целзиусови),се мисли на самостоен фрижидер замрзнувач
- свежо измолзено замрзнато: ИДЕАЛНО – 6 месеци, ДОБРО – 12 месеци
- замрзнато па одмрзнато: не се препорачува повторно замрзнување
- замрзнато па одмрзнато, затоплено, но сеуште не дадено на бебето: не се препорачува повторно замрзнување
- замрзнато, па одмрзнато, затоплено и дадено на бебето: остатокот се фрла
Најсоодветно складирање на мајчиното млеко е складирање во сад или ќеса наменета за таа употреба. Овие садови се „BPA free““ (bisophenol A). Кога го замрзнувате мајчиното млеко на садот или кесичката запишете колку милилитри сте замрзнале и датум на замрзнувањето. Кога користите замрзнато мајчино млеко користете од датумот на она што е прво замрзнато.
Пишува: Јасна Апостолски Николов-дипл.мед сестра, IBCLC- Меѓународен сертифициран консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници