Кога дознав дека сум бремена знаев дека животот ќе ми се промени, нова улога, нови очекувања, но всушност ни самата не знаев што следува бидејќи ми беше прва бременост.

На редовните контроли кај матичниот гинеколог случајно прочитав едно име – Јасна. Во тој период таа држеше часови за психофизичка подготовка на трудници, а воедно и е консултант за доење. Решив да ја исконтактирам Јасна и веднаш знаев дека го направив вистинскиот избор.

Бременоста си течеше добро, одев на часовите и научив многу од таму. Кога ни дојде Ангел на свет, си помислив добро е, помина најтешкото без да знам дека најтешкото допрва доаѓа – доењето. Иако имав добро теоретско познавање, во пракса е сосема поинаку. Си велев „одев на вежби, знам, нема да имам проблем“, но не било така.

Ангел ја доби бебешката жолтица и веднаш почна да симнува во килажа. Во породилиштето педијатарот веднаш ми спомна за формула, и никој таму од медицинскиот персонал не се трудеше многу да ни објасни како да ги ставаме бебињата на града. Но, јас бев решена, моето дете ќе цица!

Прв ден и прва ноќ дома. Најдолгото и најтешкото деноноќие во мојот живот. Градите полни млеко, а Ангел не сака да повлече. Веќе наредниот ден отидовме кај Јасна и доктор Драгана Емел – Маркоска. Ангел беше здраво бебе, на апгар тестот доби оцена 9, а тоа го потврди и доктор Драгана. Меѓутоа тој и понатаму опаѓаше во тежина и тогаш Јасна настапи. Ми помогна прво да се ослободам од вишокот млеко во градите со помош на пумпа за измолзување, и тоа млеко – колострумот веднаш му го дадовме во шишенце на Ангел. Од тој ден веќе се беше полесно, Јасна беше достапна и секогаш подготвена да помогне за што и да било.

Можеби ќе ви се допадне:   Кафе додека доите: Дали е во ред?

Ангел напредуваше и тоа беше најважно. Со помош на мајчино млеко САМО! Дваесет и шест месеци доење, најубавите дваесет и шест месеци во мојот живот. Имаше луѓе кои ми велеа доста го доиш, голем е, но не ми беше грижа. Кога решив дека треба да престанам веќе со доење, пак се обратив кај Јасна, бидејќи и ова е процес кој може да биде стресен и за двајцата.

Со нејзина помош успеавме и во оваа фаза. Ангел има сега 2 ипол години и е среќно и здраво дете. Сама немаше да успеам, Јасна од една страна, сопругот, моите родители, сестра ми и свекрва ми од друга страна. Тие беа мојата најголема поддршка!

Им благодарам за се!

Теодора Ингилизовска