„Штрајк“ за цицање се нарекува состојбата на наглото одбивање на бебето да цица. Одбивањето на бебето да цица е негов начин на комуникација со кој ни соопштува дека нешто не е в ред. Вообичаено не значи дека сака да се одбие од доење. Не сите бебиња реагираат на ист начин поради различните нешта кои можат да предизвикаат штрајк. Некои бебиња ќе продолжат да цицаат без проблем. Другите бебиња можат само да станат нервозни. Има и бебиња кои целосно ќе ја одбијат градата.

Некои од главните причини за штрајк вклучуваат:

  • Болка предизвикана од никнување на запчиња, присутна габична инфекција во усната празнина (кандидијаза или соор), како и од воспаление на увото. Болката се појавува кога бебето се обидува да цица и таа го компромитира доењето.
  • Болка при доење во одредена положба која се јавува како резултат на притисок на некој дел од телото (присутна родилна повреда, најчесто скршеница на клучната коска или оток и црвенило на местото на убод од вакцина).
  • Подолго одвојување на бебето од едниот или двата родитела, враќање на мајката на работа, промена на работното време на мајката, преселба, патување на мајката. Секој настан што предизвикува поголемо нарушување на распоредот на доење може да биде причина за одбивање на цицање од страна на бебето.
  • Одвлекување на вниманието на бебето додека цица – го интересира сè што се случува околу него – криза при доење.
  • Настинка или затнат нос – непроодноста на носот го отежнува дишењето и го оневозможува цицањето.
  • Почеста употреба на цуцли-лажливки и внесување на адаптирано млеко во исхраната, кои го намалуваат интересот на бебето за цицање од града.
  • Стрес доживеан за време на претходниот подој – бурна реакција на мајката кога детето ќе ја гризне брадавицата при доење, конфликтна состојба и вознемиреност на мајката во текот на доењето, сето тоа може да го вознемири бебето.
  • Реагирање на стрес, прекумерна стимулација или постојано одложување кога бебето сака да цица.
Можеби ќе ви се допадне:   Нова студија за динамиката на производство на мајчино млеко

Ако вашето бебе изразува одбивност- штрајк за доење, нормално е да се чувствувате вознемирени, особено ако вашето бебе е несреќно. Бидете трпеливи со вашето бебе и продолжете да се обидувате да му ги понудите вашите гради. За време на штрајкот вие исто така може да се измолзите и да му понудите со што ќе бидете сигурни дека нема да се случи преполнување на дојките.

Што можете да направите

  • Измолзувајте се исто толку пати колку што сте го доеле вашето бебе додека нормално цицало за да не дојде до затнување на млечните канали.
  • Обидете се со друг метод за хранење, за да го нахраните вашето бебе со вашето мајчино млеко, со чаша, пипета или лажица.
  • Следете ги влажните и нечисти пелени на вашето бебе за да бидете сигурни дека добива доволно млеко.
  • Почесто понудувајте му ги вашите гради на бебето. Ако вашето бебе е вознемирено, запрете и обидете се повторно подоцна. Исто така можете да му понудите да цица кога е поспано или спие.
  • Контактот „кожа на кожа“ многу лесно ги смирува бебињата.
  • Да му се посвети повеќе време на бебето со допирање и галење.
  • Обидете се да доите додека го будите бебето во тивка просторија без одвлекување на вниманието.