Творците на психопрофилактичкиот метод за безболно породување тргнуваат од самиот почеток, разјаснување на потеклото на породилните болки во физиолошките функции кои се одвиват во централниот нервен систем, поточно во кората на мозокот. Притоа, најголема улога играат процесите на надразнување и инхибиција, како и создавање на условните рефлекси. Усовните рефлекси претставуваат одговор на организмот на надворешна дразба. Низ многу експерименти и примери е докажано дека условните рефлекси можат да се создадат. Можноста да се создадат укажува на тоа дека на дразбите од надворешната средина, преку кората на мозокот, може да се делува на работата на внатрешните органи и да доведе до промена на нивната работа. Како условна дразба можат да се земат и „зборовите“.

Постои осетливост на на внатрешните органи, секако и на матката, за болка, но, приемот на болката во нашата свест зависи од состојбата на мозокот, од процесот на самата дразба и инхибицијата во мозокот. Кората на мозокот е главен регулатор на работата на внатрешните органи, како и главен регулатор во приемот на болката.

Породувањето е акт кој се одвива под влијание на низа контракции на матката. Самите контакции претставуват стегање на матката која е мускулен орган. На почетокот на породувањето тие се ретки и слаби, но како тече родилниот период стануваат се почести, со пократко времетраење и со појак интензитет. Самите контракции се болни и всушност тоа се породилните болки кои ги чувствуваат  родилките.

Зошто контракциите се болни?

Постои една причина која ја објаснува болката на контракциите. Во матката постојат нервни завршетоци кои се осетливи на болка. Болката за време на контракцијата настанува заради:

  • Притисок во матката кој се создава за време на контракцијата.
  • Заради истегнување на крвните садови во матката за време на контракцијата.
  • Притисок врз грлото на матката за време на контракцијата.
  • А, најважно заради промена во хемискиот состав на ткивото заради пореметена размена на материи и пореметување на метаболизмот заради што имаме натрупување на крајниот метаболен продукт на метаболизмот на мускулите, а тоа е млечната киселина.
Можеби ќе ви се допадне:   Контракции на матката или движење на плодот? Како може да ги разликува секоја трудница?

Колку се повеќе правилни контракциите толку е болката помала. Таа локална болка поврзана со контракциите има мал интензитет, дури понекогаш и самите родилки не ја чувствуваат. На тоа може да се делува со доволен доток на кислород (техники на дишење за време на родилниот период).

Следува прашањето „Од каде толку јаки породилни болки и зошто породувањето претставува толку болен и драматичен чин?

Тоа доаѓа затоа што породилните болки имаат претежно друштвен карактер. Болката за време на природното раѓање ја создала околината со своите негативни искуства. Во човечкиот дух години и години наназад е врежан податокот дека секое породување е болно. Искуството во општеството покажува дека негативните искуства при породувањет секогаш се паметат и пренесуваат. Оние родилки кои имаат позитивно искуство се занемаруваат и секогаш за раѓањето преовладуваат негативните ставови. Со самата појава на првите контракции кои го наговестуваат почетокот на породувањето секоја родилка почнува да ја замислува болката иако тие почетни контракции се слаби по интензитет. Но, во мозокот веќе е процесирана мислата дека раѓањето е болно и самата родилка веќе ја чувствува болката. Врската „контракција-болка“ претставува условен болен рефлекс кој се создава во кората на големиот мозок под влијание на зборови, говор како условна дразба. На тој условен болен рефлекс се надоврзува и стравот од самото раѓање.

Самиот страв неповолно влијае на работата на мозокот, го доведува до извесна состојба на исцрпеност. Во таква состојба ослабени се процесите на ексцитација (дрзаба) и инхибиција. Колку е послаба инхибицијата контракциите се осеќаат се повеќе болни.

Автор: Јасна Апостолски – Николов – Дипл. мед. сестра, Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници, IBCLC

Можеби ќе ви се допадне:   Што се матичните клетки и зошто се важни!