Како да го олесниме доењето постпартално (во првите денови после породувањето)? При консултациите со мајките најчест проблем со кој се соочуваат е поставување на бебето на града, како да се одбере соодветна пoложба особено во првите денови после породувањето. Дали породувањето е по природен пат или со царски рез во првите денови сеуште мајката закрепнува, а притоа се соочува со новата улога “мајкa” и почетокот на воспоставување на доењето. Иако знаеме дека за добар почеток и развој на лактацијата доењето треба да започне уште во првиот час после породувањето секоја една мајка би се запрашала како би го поставила бебето на града час поскоро после породувањето кога сеуште не е закрпената од породувањето.

Најсоодветна положба за мајката и бебето е таканаречената “биолошка природна положба” каде мајката се наоѓа во полулегната полoжба под агол некаде од 15-65 степени, а бебето се поставува во пределот помеѓу градите на мајката легнато на стомак со нозете како “жаба”. Во моментот кога треба да започне доењето бебето само си ја наоѓа и прифаќа градата, а по потреба се навалува накај едната па накај другата града. Оваа положба е особено удобна за мајкте породени со царски рез во првите денови после породувањето, бидејќи тежината на бебето не притиска на раната.

Биолошката или природна положба за прв пат е опишана пред околу три децении од страна на Сузан Колсон и од тогаш датираат почетоците на нејзината примена. Теоријата на која се базира оваа положба е дека новороденчињата имаат примитивни неонатални рефлекси кои се усогласуваат со активирање на рефлексот на хранење кога бебето лежи на стомак. Исто како и другите примитивни неонатални рефлекси како рефлекс за одење “stepping reflexs”, лазење, ставање на рацете во уста, движење на рацете (некогаш мајките неможат да ги позиционираат убаво на града бидејќи бебињата мрдаат со рацете). Некои од овие рефлекси го активираат доењето во лулка позиција, некои во вкрстена лулка. Кога бебето лежи на стомак при поставување во биолошката положба примитивните рефлекси го активираат оптималното однесување на бебето при доење. Бебето не мрда со рацете, не ги става рацете во уста, контактот кожа на кожа го смирува и мајката може многу полесно да го постави на градата (рефлексите на Бабински се стабилизираат). При оваа положба на мајката и бебето гравитацијата е во хармонија со примитивните неонатални рефлекси со што се овозможува поголема удобност на мајката. Доколку мајката има поголем проток на млеко при оваа положба бебето полесно се справува со истиот. Мајката се чувствува конфорно, удобно бидејќи нема притосок на раната од царскиот рез или притисок на епизиотомијата (ако сака да дои во седечка положба) доколку станува збор за природно породување. Бебињата се раѓаат со рефлексот за цицање и доколку ги оставиме на стомакот на мајката тие во првиот час со лазење доаѓаат до градата и самите го започнуваат доењето. Затоа оваа положба е најсоодветна за двојката “мајка-новороденче”. Мускулната релаксација од хормоните кои се ослободуваат за време на доењето предизвикува релакасација кај мајката, притоа бебето може подлабоко да се прицврсти на градата со што се овозможува удoбно и ефективно деоње. Исто така при оваа положба бебето е целосно легнато врз телото на мајката со што рацете на мајката се слободни. Во зависност од големината на градите на мајката доколку забележиме дека бебето при поставување на градата е длабоко поставено во градата, неговото носе нема простор за дишење доволно е само да го накосиме бебето на страна при што ќе се потпре со главата на раката на мајката и повторно во удобна позиција ќе продолжи доењето.

Можеби ќе ви се допадне:   Кои се вообичаените проблеми при доењето?

Доењето е момент кога и мајката и бебето треба да се чувствуваат удобно, за секој момент и возраст на бебето, состојба на мајката или бебето има соодветни положби во кои доењето ќе се одвива без пречки. Да ги охрабриме сите нови мајки-доилки да ги користат соодветнните положби за непречено доење и да уживаат со своето новороденче.

Пишува: Јасна Апостолски – Николов – дипл.мед, сестра, IBCLC (Меѓународен сертифициран консултант за доење), сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници.