
Многу често се поставуваат прашања дали бебињата треба да цицат на одредена временска разлика, на колку саати треба да цицаат, колку треба да трае еден подој?
Ако го следиме тој распоред тогаш значи дека го пратиме часовникот, а не бебето. Новороденчињата цицаат често и помалку, затоа што капацитетот на желудничето е многу мал. Согласно потреебите на бебето и градата произведува онолку млеко колку што му е потребно на бебето за таа возраст. Како расте бебето така се зголемува и потребата за повеќе млеко, но и подоите стануваат поретки. За секоја една нова мајка доилка ова е една голема дилема, но советот е секогаш се до моментот додека да се развие лактацијата и воспостави доењето да се следи бебето, а не часовникот.
Постојат бебиња кои се активни цицачи и кои за краток временски период се задоволуваат со подојот. Но, постојат бебиња кои се пасивни цицачи и на кои им треба подолго време за да се надојат. Затоа треба едноставно да го следиме бебето. Оваа дилема кај мајките многу често ја разјаснуваме со мерење на подојот. Мајките мислат дека колку подолго време цицаат бебињата толку повеќе млеко цицаат. Но, кога ќе го измериме подојот можат самите да воочат дека има бебиња кои за краток временски период од подој кој трае 10-15 минути можат да исцицаат 60мл. млеко (понекогаш и повеќе од што е потребно за таа возраст). На некои бебиња им треба подолг временски период за да исцицаат помалку. Но, сето тоа зависи колкави се потребите на бебето. Рутинските контроли за следење на напредокот во тежина и консултација со консултант за лактација (IBCLC) е секогаш она што може да ја реши оваа дилема кај мајките. Но, запомнете исто како и возрасните секое бебе различно цица, цица различна количина на млеко на секоја подој, на некои бебеиња им треба подолго време на некои бебиња им треба пократко време. Но, важно е да се следи бебето и да се реагира на неговте потреби. Споредување на бебињата со бебиња од други мајки може да ни предизвика непотребни грижи. Советите од мајките се секогаш од помош но, не дозволувајте таа споредба да ве загрижува кога е во прашање вашето бебе. Секое бебе е различно дури и мајките кои имаат повеќе деца забележуваат дека сите имаат различен начин на доење во однос на времетраење на подој и количина на млеко, па дури и во напредок во тежина.
Новороденчињата цицаат често, следете ги знаците за глад кои ви ги покажуваат, вие многу често помислувате дека подоите се споени, дека всушност новороденото е постојано на градата. Но, напротив нас тоа ни треба во првите 6 недели за да развиеме добра лактација и воспоставиме успешно доење.
Дали овој начин на доење ќе трае во текот на целиот доенечки стаж? Многу често прашање бидејќи мајките мислат дека ваквото често цицање ќе трае, но како расте бебето станува поактивно во цицањето, градата му произведува повеќе млкеко соодветно на неговата возраст и подоите стануваат пократки, па и временската разлика од еден до друг подој се зголемува.
Не се обесхрабрувајте, честите подои се на почетокот на доење и лактација додека да се воспостави успешна лактација. Кај некои мајки тоа е пократок временски период кај некои мајки треба помош и поддршка од консултант за лактација и трае подолго. Но, ако ги пратиме параметитрите кои ни покажуваат дека бебето доволно цица (како кака, каква е бојата на столицата и колку мокри пелени имаме), притоа редовно се мери напредокот во тежина во тој случај треба само трпение од ваша страна за да се стабилизира лактацијата и самото бебе да си направи распоред на подоите.
Едноставно следете ги знаците за глад и потребите на бебето. Саатот нека не ви одзема внимание, следете го и верувајте му на вашето бебе.
Јасна Апостолски Николов – дипл.мед,сестра, IBCLC (Меѓународен консултант за доење), сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници



































