Витамините се нутритивни супстанци кои самиот организам неможе да ги произведе, а се потребни за  негова правилна функција. Витаминот Б12 е потребен за правилна функција на еритроцитите (црвените крвни клетки), синтеза на ДНК и невролошките функции. Мајките можат да бидат изложени на ризик од ниски вредности на  витамин Б12 од различни причини.

  • Исхраната на мајката која дои може да влијае на концентрацијата на овој витамин во организмот. Хранливи извори на овој витамин вклучуваат животниски протеини како пилешко месо, јајца, риба, млечни производи, црвено месо и др. Некои супстанци се збогатени со витамин Б12 како што се житарките, млечните производи и пивскиот квасец.
  • Вегетаријанците  исто така се изложени на ризик од недостаток на овој витамин.
  • Во случај на недостатокот на овој витамин  кога исхраната е избалансирана често причината за недостатокот е конзумирање на одредени медикаменти кои ја намалуваат ресорпцијата на витамин Б12 (метформин, омепразол).
  • Хируршката интервенција (гастричен бајпас) може да ја поремети ресорпцијата на витамин Б12.
  • Пернициозната анемија, Хроновата болест предизвикуваат пореметување на ресорпцијата на витамин Б12.

Забележани се одредени промени во развојот кај деца кај кои е регистриран недостаток на витамин Б12-принудни мускулни контракции, вознемиреност, апатија, заостанат раст и невролошки развој, мегалобласна анемија, анорексија, пореметување во процесот на миелинизација и демиелинизација на нервните влакна која се одвива во првите 6 месеци од раѓањето.

Додека кај возрасните организмот може да претрпи подолг период на недостаток на овој витамин, новороденчињата имаат ниски хепатални резерви (особено кај мајките кои имале намален внес на овој витамин во текот на бременоста), и го манифестираат недостатокот на овој витамин во првите месеци после раѓањето.

Можеби ќе ви се допадне:   Моето бебе има 12 недели - оддеднаш одбива да дои!?

Новороденче од мајка која нема недостаток на витамин Б12 се раѓа со 25 микрограми на резерви од витамин Б12 од кои 0,1 – 0,4 микрограми се трошат дневно за синтеза на ткивата. Новороденче на ексклузивно доење од мајка која нема недотаток на витамин Б12 во првите 6 месеци преку мајчиното млеко конзумира 0.25 микрограми од овој витамин.

Задолжителна е препораката за дополнителен внес на витамин Б12 кај вегетаријанците (бремените жени и доилките) за да се постигне доволна концентрација на витамин Б12 кај фетусот и кај доенчето.