Бљуцкањето е една од поголемите грижи за новите родители кои често пати мислат дека можеби тие допринесуваат за таа состојба. Улогата на родител сама по себе е одговорност поврзана со бројни грижи за кои кај родителите се нижат безброј прашања.

* Дали бљуцкањето е предизвикано по моја вина?

* Дали бљуцкањето е поврзано со нешто што сум јадела?

* Дали бљуцкањето ќе влијае на растот и напредокот во тежина на моето бебе?

* Дали моето бебе има рефлукс?

*Дали бљуцкањето понекогаш е нормално?

Одговорот на последното прашање е ДА. Повеќето помали бебиња (50-70%) бљуцкаат почесто. Зошто? Затоа што сфинктерниот мускул (мускулот помеѓу хранопроводот и желудникот) кој го задржува млекото во желудничето сеуште не е доволно зајакнат, има слаб тонус и често се олабавува. Во просек неколку пати во денот содржината во желудничето на бебето се враќа назад во хранопроводот. Познато како рефлукс ова е појава која често се среќава и кај децата и кај возрасните.

Бљуцкањето го достигнува својот максимум околу 3-от  месец, но се поретко се појавува после 5-от месец кога бебињата повеќе време од денот се во исправена положба, а веќе и дигестивниот систем созрева. Околу 12-от месец само 4% од бебињата сеуште бљуцкаат.

Повраќање и бљуцкање не е исто. Многу често родителите знаат да кажат моето бебе повраќа но, тоа е најчесто бљуцкање. Повраќањето се поврзаува со болест, а бљуцкањето најчесто кога бебето е здраво. Бљуцкањето се случува после хранењето. Понекогаш е количински малку, а понекогаш и многу. Доколку бебето напредува добро во тежина и добро се храни не треба да сме загрижени.

Можеби ќе ви се допадне:   Проблеми при доењето: Затнати канали

Дали прекумерното хранење може да предизвика бљуцкање?

Понекогаш, да. Бебињата кои дирекно цицаат имаат помала веројатност да се прејадат отколку бебињата кои се хранат со шише ( без разлика дали преку шише се хранат со мајчино млеко или со адаптирано). Но, прекумерно хранење може да се случи и кај бебињата кои цицаат доколку мајката има поголема количина на млеко, хиперлактација и во моментите кога ги нудат своите бебиња да продолжат да цицаат откако тие веќе завршиле со подојот.

Зошто бебињата кои цицаат имаат помала веројатнот да се хранат прекумерно?

Затоа што за време на една доенечка сесија рефлексот на исфрлање на млеко се случува неколку пати, во просек до 5 пати (некои доилки не ги чувствуваат сите 5 пати на рефлексот на исфрање на млеко). Но, бидејќи протокот на млеко е брз за време на рефлексот на исфрлање на млекото (MER), а поспор во паузите помеѓу, бебињата имаат време да сфатат кога се сити и да престанат со цицањето.

Освен ако при додавање на млекото со шише се користи техниката “paced bottle feeding”, чие темпо е како хранење на града, во останатите хранења со шише протокот е многу брз. Кога бебињата јадат премногу брзо ( исто како и возрасните) имаат поголема веројатност да се прејадат. Редовното прекумерно хранење не само што предивикува често бљуцкање туку и го зголемува ризикот за појава на прекумерна тежина кај децата.

Дали може храната на мајката да биде причина за често бљукање кај бебиња кои цицаат?

Иако е можно, малку е веројатно. Алергија или преосетливост на некој продукт во исхраната кај мајка доилка кој поминува во мајчиното млеко се појавува кај 1-5 % од ексклузивно доените деца. Кога тоа се случува најчест виновник се млечните производи но, покрај бљуцкањето постојат и други присутни симтоми како пенлива или мукозна столица, присуство на примеси на крв во столицата, и сл. Доколку забележите некои од овие симптоми консултирајте го матичниот педијатар на вашето бебе. Најчесто со елиминирање на млечните производи од исхраната на мајката и сите производи кои содржат казеин и сурутка се подобруваат или исчезнуваат симптомите. За неколку дена се гледа подобрување но, може да бидат потребни и до 4 недели.

Можеби ќе ви се допадне:   Да ги заштитиме најмалите од настинки

Дали доколку бебето често бљуцка има рефлукс?

Дали постојат одредени физички причини за појава на често бљуцкање?

Што можеме да направиме за да го намалиме честото бљуцкање?

Одговорите ќе ги најдете во наредниот текст кој следува….