Иако во светот е широко распространето, од каде кај Вас дојде идејата за оваа едукација и стекнување со овој сертификат?
Најпрво би сакала да се претставам за јавноста да има слика за моето работно искуство и професија. Јас сум Дипл. Медицинска сестра со 17 години работно искуство. Половина од моето работно искуство го поминав работејќи со мајки и деца. Во последните 5 години работам како медицинска сестра во ПЗУ Др. Ложанковски на одделот педијатрија. Работејќи со новороденчињата и нивните мајки наидував на одредени препреки во поглед на почетокот и во текот на доењето. Токму оваа причина е поттикот за идејата за мојата едукација сакајќи да се стекнам со дополнително знаење со цел да ги поминеме сите препреки и да го зголемиме бројот на мајките кои дојат.
Бидејќи сте првиот меѓународен сертифициран консултант за доење во нашата земја, може ли да ни објасните што всушност претставуваа овој сертификат?
“IBCLC” – или меѓународен сертифициран консултант за доење, претставува здравствен работник кој се стекнува со еден вид специјализација во областа на клиничкиот менаџмент за доење. Овие консултанти имаат посебен тип едукација со која можат да помогнат во унапредување на доењето и лактацијата во нормални услови и во секакви елементарни непогоди. Придонесуваат за охрабрување на мајките кои сакаат да дојат, помагат при одредени проблеми со кои можат да се соочат мајките при доењето, можат да препознаат одредена патологија на дојка (за време на лактација) и да ја советуваат мајката да се консултира со специјалист. Едноставно целиот процес на лактација, доење, одвикнување од доење, помош при елементарни непогоди, во ургентни ситуации, едукација, советување, поддршка, сето тоа е нивна работа за која се посебно едуцирани, според точно наведени протоколи кои се користат подеднакво во целиот свет.
Надвор од нашите граници е еден вид професија. “IBCLC” советници има насекаде, па дури и кај нашите блиски соседи. Со овој сертификат можеш да работиш самостојно или во рамките на некоја здравствена установа или родилиште (барем тоа важи за надвор од нашата држава, за овде не би можела да кажам). Има правилник по кој мораш да се водиш, кои се твоите обврски во однос на третман и лекување на одреден проблем поврзан со доењето, уредно водење на документација за мајките кои побарале твоја помош и слично. Овој сертификат претставува највисоко ниво во однос на едукацијата како советник за доење. Има и други едукации со кои се стекнуваш со одреден степен на едукација на полето на доењето и можеш да советуваш, едуцираш, но, меѓународните советници се на највисоко ниво. Секако самиот процес не завршува тука. Овој сертификат е со важност од 5 години и потоа истиот мораш да го ре-сертифицираш. “IBCLC” имаат одреден правилник и за стекнување и за ре-сертифицирање. Тоа е организација на светско ниво. Треба да си во тек со сите новости во однос на доењето, во тек со сите истражувања, во тек со сите протоколи на работа кои мора да се користат подеднакво од сите “IBCLC” насекаде во светот. Од тоа не смееш да отстапуваш.
Што мислите за пренаталната едукација на трудниците и поддршката на мајките при доењето? Дали мислите дека има важна улога за успешно доење?
На светско ниво е докажано преку бројни истражувања, дека пренаталната едукација на трудниците е клучен фактор, потпомогната од поддршката на партнерот и секако консултант за доење. Јас се сложувам со сето ова, потврдено е во мојата работна пракса, а моето мислење се потврдува и со бројни студии кои се направени за да се докаже важноста на пренаталната едукација, едукацијата на секоја трудница. Кога трудницата ќе биде едуцирана што е од голема важност за успешен почеток на доењето, ќе ја има поддршката од партнерот/семејството, и ќе има советник за лактација на кој може да му се обрати во секој момент доколку има одредена потреба, тогаш, дефинитивно сме на добар пат за успешно доење и долг доенечки стаж.
Вие исто така сте и сертифициран едукатор за часови за „Психофизичка подготовка на трудници“. Колку долго го работите ова и колку трудниците се задоволни од оваа едукација? Дали има интерес за вакви едукации кај нас?
Во мојата матична здравствена установа каде што работам ПЗУ Др. Ложанковски часовите за трудници се одржуват веќе 6 години. Јас ги држам во последните 4 години откако претходно ја поминав и едукацијата за истите. За секоја работа што се работи мора да си соодветно едуциран исто и за Психофизичката подготовка за трудници. Интересот е голем, едукацијата и самото дружење на трудниците после породувањето, како и споделување на искуства меѓу себе се уште поголем мотив да се работи. Едноставно и бебињата растат заедно, се дружат после породувањето, си одиме по родендени. Започнуваме со едукација која им помага за породувањето, доењето, нега на новороденче и многу други теми со кои се соочуваат во текот на првиот месец и продолжуваме со едно убаво растење и дружење на бебињата. На почетокот сум им поддршка за породувањето, потоа сум им советник за доење, поддршка кога треба да се прекине со доење. Еден цел круг во кој постојано сме во контакт. Во голем процент бебињата се и матични пациенти во нашата установа. Затоа спомнав… едноставно растеме заедно.
А дали се мајките задоволни од оваа едукација? Во нивно име ќе одговорам – ДА. Иако они со задоволство ќе ме поддржат во одговорот и ќе им препорачаат на сите трудници да ги посетуваат едукациите и за доење и за подготовка за раѓање.
Да се навратиме на сертификатот за Меѓународен советник за доење. Кој е патот до стекнување на овој сертификат? Дали можеби ќе охрабрите и некоја друга колешка или мајка да се стекне со ваков сертификат?
Патот за стекнување на овој сертификат не е воопшто лесен. Кога јас одлучив да го надоградам моето знаење на полето на доењето воопшто не помислив дека тоа е процес кој трае најмалку една година особено за нас каде што немаме ниту еден меѓународен советник, немаме како да се информираме за постапката за истиот. Литературата е на Англиски јазик. Исто така има соодветна литература за испитот која мора да се користи. Истата ја нема кај нас па мора да се нарачува од интернет. Има неколку начини најпрво како да се стекнеш со право за полагање на испитот. Иако си доктор или медицинска сестра сепак мора да се поминат одредени едукации за да се стекнеш со право за полагање. Позитивната работа е што може и не-медицински работници да аплицираат но, кај нив начинот за стекнување на правото на полагање на испитот е многу потежок. Откако ќе се поминат сите едукации сите документи се испраќаат до Интернациионалниот совет на меѓународни консултанти, тие одлучуваат дали се стекнуваш со право за полагање на испитот. Испитот се полага два пати годишно во Април и Октомври во точно определнени датуми секаде во светот. Се полага во тест центар кој е овластен за полагање на овој испит. Самиот испит трае 6 саати. Има 175 прашања од кои 100 се прашања со текст, а останатите 75 се со слики. За нас од нашата земја сето ова е малку потешко бидејќи немаме едуцирани лица кои веќе ја работат оваа професија и кои можат да ни помогнат. Но, со многу труд може да се надмине и оваа препрека.
По однос на прашањето дали ќе ги охрабрам сите оние што сакат да се стекнат со ваков сертификат, би кажала дека не само што ќе ги охрабрам туку самата држава би требало да се позанимава со оваа проблематика и најпрво да се едуцира целиот персонал во родилиштата, интензивната нега на детските клиники, приватните здравствени установи кои работат со новороденчиња за да можеме сите заедно да помогнеме да се подигне стапката на доење на ниво на држава. Едноставно да го следиме примерот на Хрватска кои веќе имаат 50 меѓународни советници, имаат и организација на советниците, членки се на неколку Светски организации за поддршка на доењето и веќе се во процес за отварање на банка за донирање на мајчино млеко. Јас се гордеам со мојата работа и мојот успех кај мајките но, бројно треба да сме повеќе за да се постигне поголем успех.
Членка сте на неколку Светски организации за поддршка на доењето? Некое искуство надвор од нашата држава во полето на доењето?
Доколку го работите ова мора да сте во тек со сите настани, публикации, студии, истражувања на полето на доењето. Како што спомнав некои работи можат да се менуваат, некој третман на дојката или проблем при доењето. За да бидете во тек со се ова мора да членувате во овие организации. Исто така истите организираат семинари и вебинари кои мора да ги посетувате. Со секоја посета се стекнувате со одредени поени кои понатаму мора да ги приложите како континуирана едукација. Сето тоа кога ќе се почне е како еден вид едуцирање во тек на работата со кое сте обврзани како меѓународен советник за доење. Членка сум на ILCA (International Lactation Consultant Association), USLCA (United States Lactation Consultant Association), HUSD (Хрватското здружение на “IBCLC” советнички) и секако IBCLC (International Board Certified Lactation Consultant).
Дали во текот на едукацијата и подготовките за испитот забележавте дека стекнатото знаење од самите едукации ви помага за полесно соочување при помагање на некоја мајка која има одреден проблем со доењето?
Како што напоменав јас секојдневно работам со новороденчиња и нивните мајки кои тукушто се соочуваат со оваа улога. На многу од нив им е потребна помош, но на повеќето им е потребно едноставно само поддршка и сигурност дека се она што прават е доволно за своето новороденче. Постојано се соочувам со истото прашање што го поставуват повеќето од нив кога доаѓаат на прв преглед кај педијатар „Дали имам доволно млеко?“. Многу од нив сигурно засекогаш го паметат мојот одговор „Мајчината града произведува доволно млеко колку што му треба на вашето бебе за оваа возраст“. Морам да признаам дека на почетокот не веруваат, но веќе на наредните прегледи кога ќе видат дека бебето напредува, пресреќни се. И сите гледаме во вагата и се радуваме. Со самиот почеток на едукациите и јас самата се уверив во неколку едноставни работи со кои можам да ги ослободам мајките дека мајчиното млеко е доволно и дека нема потреба од дохрана. Потоа кога и самите ќе се уверат веќе довербата е стекната и ми се обраќаат само за некои тековни проблеми со кои може да се соочат. Но, една мисла им ја кажувам секогаш „Ако може да се создаде мајчино млеко кај мајка која што посвојува дете“ (постапка за која има посебен протокол) не може мајка која го носела бебето 40 недели да нема млеко. Иако во многу мал процент се случувало и тоа, но најчесто има друга причина, а откако ќе ги исцрпиме сите можности едноставно сме смирени дека сме пробале сé. Доењето бара трпение додека се воспостави лактацијата. Тоа е критичниот период кога сите мајки поминуваат на дохрана со адаптирано млеко. Но, ако ние сме израснале со мајчино млеко зошто и нашите деца да не растат?
Продолжувате со вашата работа. Што можеме да очекуваме?
За да можеме да помогнеме на повеќе мајки, а и со самата обврска која ја имам со овој сертификат во блиска иднина ќе се одржуват семинари, работилници за доење, на кои ќе можат да се пријавуваат сите трудници или нови мајки кои имат проблем со доењето. Јас стојам на располагање на сите кои имат било каква потреба од консултација или помош при доењето. На веб страната www.bebelogija.mk ќе можат да се стекнат со корисни совети кои можат самите мајки да ги применат додека стапат во контакт со консултант за лактација. Редовно ќе бидат застапени информации на социјалните мрежи Facebook, Instagram, Twitter каде што ќе можат сите корисници на истите да се информираат и едуцираат. За сите активности и новости ќе има информации за да можат сите кои се заинтересирани да ги посетат.
Дали наидувате на одредени препреки во советувањето и помагањето на мајките кои дојат?
Низ мојата пракса самата воочив дека соодветната едукација која се применува во доењето, соочување со одредени проблеми, третирање на истите е најважниот сегменет во овој процес. Ако се постапи соодветно, лактацијата продолжува. Но, често се соочувам и со прекинување на доењето затоа што некоја мајка добила совет да не дои бидејќи пие антибиотици. Употребата на лекови при доењето завзема еден цел сегмент од едукацијата. Повеќето од лековите се компактибилни со доењето. Ако тоа правило важи за секаде во светот зошто да не важи и кај нас? Затоа пак ќе повторам соодветна едукација е повеќе од потребна. Понатаму нема да коментирам за ова бидејќи сум се соочила со доста препреки од кои дел завршиле во позитивна смисла благодарение на довербата која сум ја стекнала кај мајките. И најважното од се е дека секоја информација која ја прикажуваш, а притоа надзираш тронка на сомнеж кај мајката мора да биде подкрепена со научен факт, резултат од истражување или публикација. Така, доколку сакаат самите да се уверат ќе можат да прочитаат. Доколку немаат пристап до тие информации треба да им ги обезбедите истите за да можат да ги прочитаат.
И за крај дали мислите дека можеби ќе успеете да допринесете за подобра едукација на мајките во полето на доење и лактација и да ја подигнете стапката на доење во нашата држава?
Самото стекнување со овој сертификат беше предизвик за мене, а воедно и мотив за исполнување на мојата цел. Со мојата досегашна работа во ординацијата во која што работам и досега сум допринела во мал процент во однос на стапката на доење. Со сите активности што ги планирам ќе бидат опфатени поголем број на трудници и мајки. И да се надеваме дека бројот на оние кои ќе ги посетуваат ќе расте па, ќе имаме спремни и едуцирани мајки, а воедно и запознаени со професијата консултант за лактација и да се охрабрат да побарат помош кога би имале проблем со доењето.
Но, стојам на тоа дека треба да сме повеќебројни, едноставно мајките во нашата држава имаат потреба од консултант за доење и лактација, почнувајќи од породилиштата до Примарните Здравствени Установи каде ги носат своите деца на рутински месечни прегледи.
Контакт: jasna.apostolski@bebelogija.mk | 078 833 578