Породувањето како искуство е од витална важност за секоја жена, чии сеќавања траат и кога сето тоа ќе помине и во рацете ќе го држи своето новороденче. Огромна радост, солзи радосници момент која засекогаш ќе остане во вашите сеќавања.

Психофизичката подготовка на трудниците за породувањето е заснована многу одамна. Целата подготовка се основа на запознавања на родилката со она што ја очекува во текот на родилниот период. Секоја една трудница длабоко во себе си го замислува породувањето, но често пати до неа допираат искуства кои ќе ја насочат да мисли поинаку, да го замислува породувањето како искуство за кое секогаш се врзуваат негативни мисли, искуство кое трае долго, искуство кое е болно, болка која неможе да се контролира и сл.

Психофизичката подготовка за раѓање опфаќа повеќе сегменти поврзани со чинот на породување. Почнувајќи од запознавање на трудницата кои се знаците кои го најавуваат раѓањето, кога треба да тргне во болница, како треба да биде подготвена да тргне во болница, вежби за зајакнување на мускулатурата на грбот и карлицата НО, она на што најмногу се обрнува внимание и што е најважниот дел во подготовката се вежбите на техниките за дишење. Зошто токму тоа и од каде потекнува тоа?

Техниките за дишење за време на породувањето или познати како “Ламазе техника” започуваат да се применуваат како психопрофилактички метод како алтернатива на медицинската интервенција за време на породувањето. Популаризирана во 1950 год, од страна на францускиот акушер Др. Фернанд Ламазе. Целта на оваа техника е преку презентација на часови, вежбање на техниките на дишење да се изгради доверба кај мајката во нејзината способност да се породи, како да се справи со болката на начини кои го олеснуваат породувањето, промовираат удобност вклучувајќи и техники на движење, масажа и релаксација.

Можеби ќе ви се допадне:   Компресија на дојка

Контролираното, свесно дишење е ефиксно не затоа што го одзема вниманието туку затоа што контролираното дишење, особено бавното и длабоко дишење овозможува подобра оксигенација на телото, што е од витално значење за време на родилниот период. Контролираното дишење ја подобрува релаксацијата, а релаксацијата го намалува нивото на хормонот на стрес, особено важно за време на родилниот период.

Колку подобро трудницата ја разбира физиологијата на природното породување без медицински интервенции, едноставно спонтано, поинаку пристапува кон чинот на породувањето. Стравот од непознатото е она што ја плаши секоја трудница, но искуствата на трудниците кои ги посетуваат вежбите за психофизичка подготовка за породување покажуваат дека оваа пренатална едукација и подготовка за породувањето е од витално значење за секоја идна мајка, а породувањето е искуство кое го паметат и се особено горди на пофалбите кои ги добиваат од персоналот во родилиштата. Иако не секогаш се оди по планот, секоја трудница која е добро информирана полесно го прифаќа она што ја очекува.

Бидете дел од подготовките, имајте едно убаво искуство од породувањето!

Јасна Апостослки Николов – дипл. мед. сестра, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници, IBCLC (сертифициран консултант за доење).