
Иако за повеќето мајки проблем претставува развој на лактацијата и создавање на соодветна количина на мајчино млеко која му е потребна на бебето, некои мајки се соочуваат со зголемено производство на мајчино млеко. Навидум според поголемиот број на мајки тие треба да се среќни бидеќи имаат и повеќе од потребното за своето бебе, но ова може да претставува проблем како за мајката така и за бебето.
Доколку постои зголемена продукција на мајчино млеко, млазот на млекото од градата е голем и брз. Во зависност од бебето реакцијата од негова страна може да биде на неколку начини:
- Ја прифаќа градата и одеднаш почнува да ја одбива, ја испушта од уста, почнува да гризе со непцето, мрда со главата. Сето тоа е за да се справи со големиот млаз на млеко.
- За време на доењето може да ја прифаќа и отпушта градата често.
- Вакумот со кој ја држи брадавицата во устата кога се исфрла млекото е многу слаб.
Некои бебиња се вознемирени за време на рефлексот на исфрлање на млекото, се виткаат наназад, се засркнуваат, кашлаат и голтаат многу воздух. Многумина веруваат дека зголеменото присуство на гасови во цревата е резултат на поголема количина на воздух што ја примаат додека бебињата дојат, но тоа не е така затоа што воздухот неможе да помине во цревата од желудникот. Зголеменото присуство на гасови во цревата е поради тоа што за краток временски период во нив навлегува поголема количина на млеко сиромашно со масти. Доколку вознемиреноста кај бебето е за време на подојот тоа е заради големиот млаз на исфрлање на млекото, а доколку е после подојот може да биде заради зголемена количина на млеко сиромашно со масти присутна во гастроинтестиналниот тракт. Вознемиреноста кај бебето може да биде причинета и од други фактори, но сега да ја објасниме вознемиреноста заради зголемента продукција на млеко.
Симптоми кои ни укажуваат на зголемена продукција на млеко:
- Зголемено качување во тежина во просек над 900 грама месечно во првите три месеци.
- Вознемиреност помеѓу подоите
- Експлозивни зелени и водести столици
- Повторување на иста реакција на бебето кога го ставаме да дои
Иако напредокот кај овие бебиња е одличен тие се постојано вознемирени и плачливи, па многу од родителите сметаат дека не станува збор за зголемно количество на млеко туку дека мајката нема доволно млеко. Реакцијата на вознемиреност кај бебето се јавува за време на подојот кога бебето дои поголема количина на мајчино млеко богато со јаглехидрати, а помала количина на млеко со масти. Едноставно градата произведува поголема количина на млеко, а заради волуменски поголемата количина на млеко, никогаш на ја празни, а градата до крај односно внесува помала количина од млекото кое содржи повеќе масти. Зошто мастите се важни?
Затоа што мастите се тригер за ослободување на пептидот холецистокинин во цревата кој ја поттикнува дигестијата во цревата, го регулира волуменскиот внес на мајчино млеко и го предизвикува чувството на ситост.
Зелените, водести столици кои можат да содржат крв или слуз можат да бидат резултат на волуменски поголем внес на мајчино млеко богато со јаглехидрати бидејќи во цревцата на бебето има зголемена концентрација на лактоза, цревцата се презаситуваат и реакцијата се зелени водести столици. Причина за зелена столица кај бебе може да биде и друго затоа секогаш консултирајте се со педијатарот на вашето бебе.
Пред да започнете со план за намалување на продукцијата на мајчино млеко следете ги следниве совети како да му помогнете на бебето да се справи со голем млаз на мајчино млеко при доењето.
- Одберете биолошка положба за доење – таa му помага на бебето полесно да се справи со големиот млаз на млеко.
- Нежно масирајте ги градите пред подој (слично како кога работите со пластелин или глина, масирајте ги нежно). Благите масажи овозможуваат и блага експресија на првите млазови на млеко. Рачната масажа пред подој се смета дека допринесува дел од мастите кои се залепени на ѕидовите од алвеолите се ослободат и со тоа се зголемува количината на масти во мајиното млеко. Самото тоа за пократок временски период на доење ќе предизвика ситост кај бебето.
Кога станува збор за зголемена продукција на млеко измолзувањето треба да биде само со блага масажа, затоа што ако ги измолзиме првите млазови на млеко со измолзување се смета дека со тој начин се измолзува околу 45% од млекото при рефлекост на исфрлање на млекото. Со самото доење на бебето ќе се испразни градата и физиолошки колку повеќе се празни градата толку повеќе млеко произведува, градата повторно ќе произведе поголема количина на млеко. Наместо да си олесниме ние можеме да ја зголемиме продукцијата и повеќе од претходно. Затоа се потребни само благи масажи и експресија на млеко спонтано што ќе се измолзи при масажата.
- Доите почесто пред да се преполнат градите
- Доите го бебето кога спие или е поспано, така ќе биде помирно за време на подојот
- Почесто за време на подојот поткревајте го да подригне
Како преполнетоста на градите заради хиперлактација се одразува кај мајката?
- Доколку заради лоша поставеност на бебето кое самото се трга или ја гризе или влече брадавицата за да се справи со млазот на млеко почувствувате дека брадавиците почнуваат да ве болат, извадете ја градата од устата не бебето и повторно поставете ја правилно.
- Најчесто помеѓу подоите мајќата чувствува како млекото тече од градите.
- Чувството на болка во градите особено изразено за време на рефлексот на исфрање на млекото треба да ви биде сигнал дека можеби станува збор за хиперлактација. Преполнетоста на градите дава чувство на болка, многу кратко време после подој.
- Честа појава на преполнетост на градите која може да доведе до појава на мастит. Кај некои доилки маститите се појавуваат и почесто.
Извор: “Breastfeeding Answers” – Nancy Mochrbacher, IBCLC, FILCA
“Core curriculum for Interdisciplinary Lactation Care”
Пишува: Јасна Апостолски – Николов – дипл. мед. сестра, IBCLC (Меѓународен сертифициран консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници)



































