
Рамазан е најсветиот месец во годината за припадниците на муслиманската вероисповест. Во текот на месецот Рамазан оние кои го следат постот се воздржуваат од јадење, пиење и сексуални активности од зајдисонце до изгрејсонце. Покрај тоа тие практикуваат да бидат љубезни, трпеливи и стрпливи во текот на тие четири недели. Овие воздржувања од храна и течности можат да влијаат на доењето.
Затоа IBCLC (Меѓународните сертифицирани консултанти за доење) треба да дадат насоки за мајките доилки за време на постот.
Муслиманските научници “уламите” со децении разговараат на ова прашање “доењето за време на постот”. Искажани се многу мислењa со кои се поттикнуваат муслиманските жени да донесуваат мудри одлуки за себе.
Стихот на Куранот за постот вели: Доколку некој од вас е болен или е на пат, не се чувствува добро одложете го постот тој ден или денови. Истите можат да се надокнадат со продолжување на постот. Мајките доилки можат да изберат да постат преку еден ден. Сето тоа зависи како се чувствуваат и како постот влијае на нивната здравствена состојба.
Додека постот не е задолжителен кај жени кои дојат еве неколку насоки од жени-доилки од Малезија кои сепак избираат да постат за време на доење (Nor Kamariah Mohamad Alwi, BE, MIT, IBCLC).
ОСТАНЕТЕ ХИДРИРАНИ
Дневниот внес на вода е многу важен за хидратација на целото тело. Се препорачува да се пие вода малку по малку во текот на дозволеното време од зајдисонце до изгрејсонце. Ако одеднаш се напиете ќе ја измокрите брзо и повторно ќе се појави чувството на жед. Затоа е подобро да се пие помала количина почесто во текот на дозволениот период од Ифтар до Сухур.
ДОИТЕ КОГА БЕБЕТО ЌЕ ПОБАРА
Не ги одложувајте подоите сакајќи да заштедите енергија. Создавањето на мајчиното млеко се темели на фактот колку почесто се празни градата толку повеќе градата создава ново млеко.
ЈАДЕТЕ РАЗНОВРСНА ИСХРАНА
Избалансирана исхрана со протеини, масти и јаглехидрати. Ова е особено важно за последиот оброк пред изгрејсонце. Така мајката доилка ќе има доволно енергија за да го издржи остатокот од денот без храна до зајдисонце. Не го пропуштајте овој оброк.
ХРАНА КОЈА ДАВА ЕНЕРГИЈА
Првиот оброк вечерта после зајдисонце треба да е богат со храна која дава енергија за да можат мајките доилки со првиот оброк после денот со пост да ја вратат енергијата. Најчест избор на овие мајки за овој оброк се црните урми.
ПРАВЕТЕ КОМПРЕСИИ ЗА ВРЕМЕ НА ПОДОИТЕ
Во текот на денот бебето може да стане вознемирено поради тоа што постот се одразува на количината на мајчиното млеко. Исто така и самите мајки можат да забележат дека е намален рефлексот на исфрање на млекото. Затоа правете компресии за време на подојот за да го забрзаме протокот на млеко во периодот на постот преку денот.
ИЗМОЛЗУВАЊЕ ДОКОЛКУ МАЈКАТА Е ОДВОЕНА ОД БЕБЕТО
Кај некои мајки при одмолзувањето може да се забележи намалена количина на млеко особено во втората половина од денот за време на постот. Кај некои мајки постот воопшто не се одразува на количината на мајчиното млеко. Некои забележуваат разлика во количината на млеко од ден во ден. Важно е мајките доилки да знаат дека колку почесто измолзуваат толку повеќе стимулираат да се создава мајчино млеко.
Ова може да им послужи како корисен совет кој ќе им помогне да се одржи лактацијата за време на постот. Иако намалениот внес на течности може да се одрази на количината на мајчино млеко, сепак мајчиното млеко ќе се произведува, но мајките ќе забележат дека е погусто од вообичаеното.
Доколку за време на постот мајката се почувствува омалаксана, поспана, а исто така забележува и промени кај бебето, се препорачува консултација со својот лекар и матичниот лекар на бебето.
Пишува: Јасна Апостолски Николов – дипл.мед.сестра, IBCLC – меѓународен сертифициран консултант за доење.






























