
Да се стане родител е едно од најубавте чувства во животот на една индивидуа, и најубавото во животот на една мајка.
Женското тело е чудотворно, неверојатно, семоќно. 9 месеци му се потребни за да создаде цел еден нов живот и да ти подари кревко мало суштество кое е апсолутно зависно од тебе, твојата љубов и твоето внимание.
Максим се роди во 42-рата недела од бременоста, со 10 дена надминат термин. Уште во текот на бременоста си замислував како сакам да се одвива цел процес на раѓање, доење, растење. После 3 дена провокации, со намалена плодова вода, истоштеност, почнаа срцевите отчукувања на бебето да паѓаат под нормалата, неколку пати, што беше аларм за итен царски. Сестри, доктори, цтг-апарати, анализи, сè се среди за половина час и родив здраво машко бебе од 3330 грама. Иако сакав природно да се породам, состојбата и околностите одлучија да биде поинаку.
По скоро 20 часа на интензиван нега, ме сместија на одделение и ми го донесоа бебето, со предупредување дека не смеам да го дојам, примам тежок антибиотик. Ова траеше 5 дена. 300 мисли во глава: „како ќе знам дали имам млеко?“, „дали ќе знае бебето како да цица?“, „нема ли за овие 5 дена да биде гладно, или ако му даваат дохрана, после да не не сака да цица?“. На 5-тиот ден дојде сестра, ми рече дека веќе можам да го дојам, ми го намести и замина. Бебе нејќе да фати. Се трга. Не да нејќе, не може да фати. Дојде сестра и ме советуваше да пробам со силиконски брадавици. Се јавив на сопругот, до вечерта ги имав, ги наместив и бебе си фати убаво. Јас пресреќна. Не беше како што замислував. Отсекогаш сум мислела – ќе го ставиш на града и толку, самите имаат инстинкт и ќе цицаат. Ама не било така. Боли. Боли како илјада игли да се провлекуваат по каналите на градите. „Не ти е уште надојдено млекото“ – ме тешеа сестрите. Грешно сум ја наместила силиконската, бебе повлече и гргна крв. Каква болка, во истовреме и страв и паника – „бебето се нацица крв“. Сестрите ми рекоа дека не е ништо страшно, ќе се навикнеме, не била силиконската убаво наместена.
Нè пуштија дома. Доење на секој час. По секој подој, дезинфекција на силиконските. Само што заспал, ете го пак плаче. Пак силиконски брадавици, пак доење, па заспива, буди го, не се буди, крени го, спушти го, пак дезинфекција и магичен круг 24/7. На 10-ти ден после породување го носиме на прва контрола. Истражував кои педијатри се меѓу најдобрите, за да знам каде да го носам. Го однесов кај една од оние што најмногу ги фалеа (по групи, форуми, искуства на мајки). Јас уште хормонална, детево вришти, надвор истура, се измалтретиравме, како и да е, мора да се носи, ќе го носиме. Бебето паднало 250 грама во тежина. Докторката се испоразвика дека детето било мртво гладно, сум морала да му давам дохрана, како сум го оставала така, многу било паднато на тежина. Почнаа солзи да ми доаѓаат, со помислата дека цело време е на града, а сепак, не му било доволно и уште е гладно. „Не сум способна да го нахранам, немам млеко, не ми е квалитетно млекото“ – само таа мисла ми се врткаше низ глава, додека солзи ми капеа, делумно од мислата дека нема да можам ексклузивно да го дојам, делумно дека докторката ми се развика, а најмногу на крај на преглед кога ми рече: „Мајка, ти си за на психијатар“. Да, чудно е, нели, мајка што пред 10 дена се породила и хормоните уште беснеат, да се расплаче.
По 2 дена дојде патронажна сестра. Толку убаво ми објасни сè, дека нема потреба од дохрана, ќе си напредува бебето, си ги има рефлексите, бумбарчиња образи, црвено-бели, не е за паника минусот во тежина.
По комуникација со друга мајка, на која ѝ ги споделував моиве маки со доењето, ми ги препорача д-р Драгана Емел Маркоска и сестра Јасна. Мислам дека сонце ме огреа по првиот преглед кај нив. Максим сè уште беше на доење, иако, од страв му давав дохрана 2-3 пати дневно. Јасна уште тогаш ми рече дека за брзо ќе ја тргнам дохраната, нема да имам потреба. Советите за соодветна исхрана, чај и капсули за доење за брзо време ми помогнаа да го вратам Максим на ексклузивно доење. За месец ипол ги тргнав и силиконските брадавици и почна да станува полесно. Подоите беа на барање, кога сака бебето – тогаш. Си мислев дека тоа е тоа, натаму е лесно.
Ама не било. Максим имаше неполни 4 месеци, кога едно утро станав со тешка града и мало грутче што се чувствува на допир. „Ништо не ми е“ – си помислувам – „лошо сум спиела, сум стиснала некој канал“. Го ставав на таа града да цица, ама стануваше сè поболно. До утредента, цела града ми беше една голема грутка, и доењето од таа града беше проследено со болки, скоро во агонија. Баш дента имавме контрола, д-р Драгана одма штом ме виде ми рече да ја барам Јасна. Јасна беше мојот спасител. Да не го објаснувам процесот со масажи, жежок туш и зелки, ме оправи за недела дена. Се слушавме скоро секој ден, да ме провери како сум, и секој ден бев подобра. За недела дена, веќе сè беше во ред.
Поминаа 2-3 недели, истото ми се случи. Со бонус – блистери (затнати канали). Пак масажи, пак жежок туш, пак зелки, со бонус болка, што е десеткратно поголема и поинтензивна и од почетокот кога почнував да дојам и од претходниот пат кога ми се направија грутки. Благодарение на Јасна, за 2-3 дена се среди и тој проблем.
Оттука натаму скоро и да немав проблеми со доењето. Како растеше Максим, така бројот на подои се намалуваше и стануваше сè полесно. Не бев „врзана“ цело време. Особено по воведување на цврста храна, подоите драстично се намалија, на 2-3 дневно, за заспивање и 2-3 ноќно време.
Октомври дознав дека сум повторно бремена. Максим имаше 16 месеца. Решив дека сакам да прекинам со доење околу нова година, за да одморам малку до доаѓањето на второто бебе. Одбивањето се одвиваше постепено, во фази, со намалување на подои. Прво дневните подои го скратив, што не беше тешко. Два месеца го доев само навечер за заспивање и ноќно време еднаш до два пати. Веќе јануари, на негови 19 месеца, мене почна да ми станува тешко, мачно, напорно и болно да го дојам. Ми се чинеше дека не можам веќе да издржам, нервозна бев, ненаспана. Последниот подој беше ноќта на 20-ти јануари, го надоив, се тргнав и реков – толку беше.
Се плашев дека ќе има многу плачки. Дека ќе има многу непроспиени ноќи дур се навикне. Се плашев дека ќе имам проблеми со градите, грутки, застој на млеко… Ништо од тоа. По 2 дена Максим почна да преспива цела ноќ – 9-10 часа (што претходно ми беше научна фантазија). Ниту плачеше, ниту бараше, немав потреба за консултација за градите.
Единствено нешто што ни се смени и мене и на Максим е зголемената потреба за галење. Го доев скоро 20 месеца, и не ми е мака за ниту еден момент. Имав коментари и притисоци “дај му шише, не се мачи“, „голем е веќе, не му давај да цица“, „јаде сега цврста храна, не го дој“ и слично. Не подлегнав и не послушав никого. Бев упорна. Изморена, ама упорна, и успеав да го дојам. Имаше моменти кога го доев и плачев од болка, имаше моменти кога буквално ми идеше да се откажам, посебно во подоцнежните месеци, кога по цела ноќ не ме оставаше да спијам. Ама верувајте, сето тоа толку брзо минува, и еден ден ќе ви недостига. Секоја планина со своја тежина. За успешната приказна многу е важна и поддршката од семејството и околината. Кога во најранливите моменти додека се бориш со најголемите свои демони те убедуваат дека си лоша мајка затоа што форсираш доење и го оставаш детето гладно, во моменти на огромни животни премрежја гледаш како твоето дете те турка со сета сила и не сака да цица, додека триста труби трубат дека го мачиш и изгладнуваш…и најсилниот ќе се скрши. Грутки и температура 39, трески, изнемоштеност, млеко не тече, бебе плаче, непроспиени ноќи… Мачно и тешко, а и болно. Но желбата да си го хранам своето дете од мајчиното млеко, како што му дадов живот беше најголема.
Можеби да не останев бремена повторно, ќе го доев до 2 години, ама самата ситуација ме натера малку порано од замисленото да прекинам. Не ми е жал, ниту мака за секоја непроспиена ноќ, секоја болка, секој коментар, доење надвор, доење внатре, на барање, на спиење… Знам дека му обезбедив здрава основа и имунитет и се надевам дека ќе можам и на бебево во меше да му го овозможам истото.
Уживајте во доењето додека трае. Што подолго, толку поубаво. Таа близина, таа нежност нема да ја имате повторно со тој интензитет, а тие ќе пораснат за миг.
Трајанка Камчевска Колева






























