Доењето е прекрасно искуство, средство со кое мајката му го предава најдоброто и најхранливото од себе на своето малечко и начин на кој таа создава нераскинлива врска со него.

Но, и покрај приказните дека доењето е инстинктивно и доаѓа природно, во почетокот тоа може да биде вистински предизвик за новите мајки. Предизвик кој наеднаш се претвора во хорор. А, со првата бременост не ни мислев на тоа си велев ќе цица, зошто да не цица, тоа е инстинкт. Уживав во трудничките денови, а единствено на што мислев беше породувањето и како сѐ ќе помине. И ете го породувањето, за ден-два поминува и доаѓаат вистинските проблеми и болки.

Покрај сета моја упорност (која веќе немаше смисла зошто бебето почна да паѓа во килажа и да дехидрира) не успеав да дојам. А, толку барав некој соодветен, некој да ми помогне. Ама сите велеа: “Е, добро де не сака да цица, не сака ќе го ставиме на формула важно е да не е гладно. И така завршив со пумпата и со измолзување до деветиот месец.

Уште тогаш си реков второто ќе цица па што сака нека биде. И ете го второто. Јас спремна полна со информации за доење и личности што можат да ми помогнат. Овој пат не ми беше важно породувањето, уште на интензивна барав да ми го донесат бебето да го ставам на града. Дојде и тој момент го ставам бебето, бебето цица. Не ми се верува. Плачам овој пат од радост. Сите сестри и педијатри во родилиштето ми рекоа „ехеее“ ова ќе ти цица и за првото. Почнав да чуствувам болка при доењето.

Можеби ќе ви се допадне:   Грижата што ја заслужуваат: Зошто е важна хидратацијата на бебешката кожа?

Болката стануваше се поголема и по-неиздржлива. Страшни рагади. Ама трпев и упорно го ставав бебето да цица. Секое доење плачев од болка, се тресев, се препотував. Прво мерење. Бебе стагнира во тежина. Шок. Неее, пак истото. Добро се тешев барем ова не паѓа во тежина. Полни пелени, не е дехидрирано. Одма сите почнаа со советите за адаптирано. Не сакав да слушнам!!!

Господ ми ја прати Јасна. Консултант за доење. Зарем постои такво нешто кај нас?

Одма почна најпрво со терапија за рагадите, а потоа и со совети за доењето, се разбира откако убаво го прегледа бебето. Ми рече ќе успееш, ќе видиш. Ќе доиш. Само трпение. Ја послушав. Сѐ до збор и само нејзините зборови ме водеа да издржам.

Поминуваа неделите контроли мерења и бебето качи 900 гр. за еден месец. Успеав!

Успеавме сите заедно. Јас и бебето. Јасна, која беше тука во секој момент за било какво прашање и поддршка. Сопругот, кој при секое доење и мое плачење имаше прегратка и убав збор, па дури и во ноќните подои. Постојано ми велеше “Ти си херој.”

И секако братчето што единствено тој успеваше да ме насмее и да ми го растопи срцето гледајќи како се грижи за неговата сестричка. Помина хоророт. Преживеав! Почнав да уживам во доењето, се опуштив, почнав да се смеам. Среќна мајка, среќно бебе.

Почна да се буди само два пати преку ноќ, почна да се смее, всушност постојано се смее. Секоја наредна контрола заедно со Јасна и се радуваме на вагата. Сега знам дека му го давам најдоброто што можам на моето дете. Храна, утеха, мир, сон, спокој,  среќа, безгрижност, љубов, топлина… Секоја болка и секоја солза вредеше. Ова се највредните и најубавите прегратки!

Можеби ќе ви се допадне:   Дохрана - немлечна исхрана

Даниела Јовановска