Ова е едно од прашањата што многу често младите родители си го поставуваат и им создава дилема на родителите. Се надевам дека со овој текст малку ќе им помогнеме на младите родители.
СОСТАВ
Столицата во околу 75% е вода. Остатокот е комбинација од мртви и живи бактерии кои помагаат да се свари храната во цревата, има белковини, отпадни материи од храната, масти, сол и материи кои клетките ги испуштаат.
КОНЗИСТЕНЦИЈА
Столицата може да биде тврда како путер или помека како младо сирење но и течна како јогурт. Кај доенчињата кои се на екслузивно доење обично столицата и по боја и по конзистенција наликува на сенф, и може да има примеси на засирено млеко или одредени зрнца. А кај децата кои се на адаптирано млеко таа наликува на пудинг. Доколку е многу тврда народски кажано наликува на брбушки веројатно е запек.
БРОЈ НА СТОЛИЦИ ВО ДЕНОТ
После прашањето за бојата на столицата, ова е второто најчесто поставувано прашање кое го имаат родителите. Во текот на првите месеци од животот на детето бројот на столиците е многу поголем. Т.е како зреат цревата т.е се населуваат со добри бактерии подобро се преработува храната и бројот на столици се намалува. Некоја нормална граница е од 6-8 столици на ден до една столица во 6-8 дена.
ВИДОВИ НА СТОЛИЦИ
ПРВАТА БЕБЕШКА СТОЛИЦА – МЕКОНИУМ
Мекониум е леплива супстанца со црно зелена боја која постепено се насобира во цревата на бебето во текот на феталниот развој. Мекониумот се состои од плодова вода и различите материи-остатоци кои ги голта бебето во текот на бременоста.
Тој обично се исфрла во рок од 24 часа од раѓањето на бебето и претставува знак дека цревата на бебето функционираат. Кај предвремено родените бебиња потребно е малку повеќе време да се испразнат цревата а најдобар начин да се помогне во тоа е доењето.
ПРЕОДНА БЕБЕШКА СТОЛИЦА
Преодната бебешка столица е содржина која се празни во тек на 3-4 дена по исфрлањето на мекониумот. Мекониумот може да не се исфрли оддеднаш, туку може во неколку последователни столици да има примеси од истиот. Како се исфрла мекониумот така и бојата на столицата се менува кон жолтеникава боја.
Кај бебињата кои цицаат преодната столица може да биде поретка и со ситни зрнца низ неа.
Кај бебињата кои се хранат со адаптирано млеко, може да се очекува погуста столица.
Понекогаш во преодната столица може да има трагови од крв или слуз. Ова е најчесто последица од породувањето но доколку и после неколку денови од породувањето во столицата има примеси на крв тогаш е потребно да се консултирате со вашиот педијатар.
После преодната столица постепено бојата и конзистенцијата се стабилизираат и таа почнува да наликува на сенф.
БОЈА
Ова е вечната дилема дали и која боја укажува дали бебето е доволно нахрането или е гладно, дали нешто му пречи и сл. Кај доенчињата кои се на екслузивно доење бојата на столицата зависи од исхраната на мајката. Од друга страна имаме доенчиња кои се на адаптирана формула кои се хранат исто секој ден а имаат различна боја на столицата. Тоа е поради променливата бактериска флора кај доенчињата.
Сепак сите варијанти на жолта боја, од светло жолта до портокалова, кафена, па дури и зелена се сметаат за нормални варијации на бебешката столица.
Внимание треба да се обрати доколку бојата на бебешката столица е црна, црвена, сива или бела. Во тој случај треба веднаш да се посоветуваат со својот матичен педијатар. Не сите црни, бели и црвени столици се резултата на патолошка состојба сепак треба да се консултира педијатарот.
Бојата за која најмногу се дебатира е ЗЕЛЕНАТА боја на столица
Нормална боја на столицата кај бебињата е боја на старо злато или сенф жолта.
Сепак бојата на столицата може да биде и јасно зелена, што всушност е честа појава. Причини за да биде таква пребоеност се повеќе, најчест се смета дека е тоа знак дека бебето е гладно.
Други причини заради кои столицата може да биде зелена се:
- Премногу млеко на мајката- доколку бебето се прецицува столицата може да биде пенлива, со зелена боја.
- Премалку млеко на мајката- Нередовната зелена столица во мали количини може да укажува дека бебето е гладно.
- Пребрзо менување на бебето од една на друга града
- Настинка или вирус
- Интолеранција на лактоза или некои други намирници-пенливата смрдлива зелена столица може да е знак за постоење на интолеранција на одредени намирници.
- Цврста храна- доколку е започната двоврсна исхрана кај доенчето или се воведени одредени суплементи, како на пример железен препарат
- Адаптирано млеко- одредени формули можр да ја пребојуваат столицата со зелена боја.
- Никнување на заби, вакцинација, фототерапија кај новороденчињата.
Како заклучок, уживајте во родителството а секоја столица која ќе ве вознемири или не ви личи нормална сликајте ја и консултирајте се со вашиот педијатар.
Пишува: спец. педијатар – Др. Драгана Емел Маркоска