
Во изминатиов период добивам безброј пораки за консултација од мајки доилки кои се позитивни на Ковид-19 и имаат потреба од РТГ снимање.
Се повеќе двоумење кај доилките. Различни информации од различни страни. Се одлучив да ги сумираме заклучоците околy горенаведениот наслов “ДА ИЛИ НЕ” и се надевам дека текстот ќе помогне на многу мајки кои сакаат да дојат и не сакаат да го прекинат доењето доколку навистина нема медицинска индикација.
РТГ– нема потреба да се прекинува доењето, ниту да се одмолзува мајката и да се фрла млекото. Зошто? Дијагностичките “X-зраци” немаат никакво дејство врз мајчиното млеко ниту можат да влијаат на продукција на истото. Никакви посебни мерки за претпазливост не се потребни. (LactMed).
Често пати при РТГ се користи и контрасно средство. Најчесто користено средство е Бариум (бариум сулфат). Бариумот е инертен агенс но, не се ресорбира во телото.
Оттука и нема влијание на мајчиното млеко ниту пак на бебето/доенчето. (Hale’s Medications and Mother’s Milk, Ed.2019).
МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА И КОМПЈУТЕРСКА ТОМОГРАФИЈА – Најчесто добивам податок дека мајките доилки се советувани да го прекинат доењето во наредните 24-48 часа, да се измолзуваат и да го фрлаат млекото. Прашање: Дали ова се базира на научни докази?
ОДГОВОРОТ Е НЕ! Напротив научините докази недвосмислено потврдуваат дека контрасните средства што се користат при МРИ и КТ се излачуваат во минимални количина во мајчиното млеко. Оваа количина нема никакво дејство врз бебето.
Контрасното средство што се користи при МРИ е Гадопентетат. Американскиот колеџ за Радиологија го класифицира како безбедно контрасно средство кај мајки доилки.
Во мајчиното млеко се излачува во минимални количини, помалку од 0,04% од контрастот ќе се детектира во мајчиното млеко. Од таа количина 0,8% ќе се ресорбира кај бебето. Имајќи во предвид дека скенирања со МРИ се прават и кај мали бебиња, оттука одложување на доењето заради МРИ кај мајка доилка воопшто нема смисла. (Dr. Jack Newman – https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC1952588/)
Во случај на Компјутерска томографија контрасното средство кое се користи е јодирано соединение. Јодот, преминува во мајчиното млеко НО, јодот од контрасното средство што се користи при КТ е врзан за носител на молекула и како таков не навлегува во мајчиното млеко во значителна количина. Количината која се ресорбира од страна на гастроинтестиналниот тракт на мајката е значително ниска и како таква неможе да има никакво штетно дејство врз бебето.
И на крајот прашањето: Што е поопасно за бебето, мајчино млеко кое содржи минијатурни количини на контрасно средство кое воопшто нема влијание на бебето за кое имаме докази и истражувања или формула па дури и за 24 часовна употреба? Можеме да кажеме дека со оглед од ризикот од прекинување на доењето како и споредни ризици (употреба на формула, хранење со шишенце) правилно дадена информација е онаа дека мајките треба да се уверат дека ќе го направат најдоброто за своите бебиња доколку при било какво снимање РТГ, МРИ, КТ нема да го прекинат доењето.
Уште во 2001 год. Комитетот за лекови и контрасни средства при Американскиот Колеџ за Радиологија се усогласува со доказите и го изјавува следното: “Достапните податоци сугерираат дека е безбедно за мајката и бебето да продолжат со доењето при овие процедури. Дали мислите дека овие информации ќе бидат доволни да ја убедат мајката да не престанува со доење?
Се надевам дека овие информации ќе ви помогнат при вакви процедури. Во текот на текстот и на крајот од текстот имате референци, страни, статии од каде што можете да исцрпите и дополнителни информации.
Пишува: Јасна Апостолски Николов – дипл.мед.сестра, IBCLC
Референци:
LactMed https://toxnet.nlm.nih.gov/cgi-bin/sis/htmlgen?LACTMED