Галактореа претставува лачење на млеко од млечните жлезди кое не е поврзано со нормална продукција на мајчино млеко во период  на лактација или доење. Галактореата сама по себе не претставува болест но, може да биде знак или симптом на скриена болест. Најчесто се појавува кај жени дури и кај оние кои немале деца или често пати по менопаузата. Понекогаш  но, најчесто поретко оваа појава е забележана кај мажи и деца.

Што може да предизвика ваква состојба?

Најчести причини се:

  • прекумерена стимулација на градите-дојките (при секусални активности, чести самопрегледи на дојката, прекумерно триење од облека)
  • при употреба на одредени медикаменти (седативи, антидепресиви, антипсихотици, лекови за хипертензија).
  • употреба на опоидни наркотици
  • одредени состојби на хипофизата можат да предизвикаат галактореа (пролактином)
  • хипотироидизам
  • повреда или оштетување на нерв во градниот кош при хируршка интервенција,  изгореници или друга повреда на градниот кош
  • стрес
  • употреба на контрацептивни лекови
  • хируршка интервенција на рбетниот мозок, повреда или тумор

Често пати галактореата се појавува при покачени вредности на хормонот пролактин (хормон кој стимулира создавање на мајчино млеко), а за неговата продукција е одговорна хипофизата.

Кои се симптомите при појава на галактореа?

  • повремено или постојано течење на мајчино млеко (може да опфати повеќе млечни каналчиња)
  • спонтано истекување на мајчино млеко, или појава на млеко при притискање на градата.
  • може да се манифестира кај едната или кај двете дојки
  • неправилни менструални периоди или отсуство на менструални периоди
  • главоболка и пречки во видот

Кога треба да посетите доктор?

Доколку се забележите повремено или константно истекување на мајчино млеко од дојките, а не сте бремени или не доите потребно е да се консултирате со лекар.

Можеби ќе ви се допадне:   Кафе додека доите: Дали е во ред?

Доколку појавата на галактореа ја поврзувате со прекумерна стимулација на дојките при сексуален однос, немате простор за грижа бидејќи таа најчесто поминува сама по себе. Но, доколку појавата и истекување на мајчино млеко перзистира потребно е да посетите лекар.

ИДИОПАТСКА ГАЛАКТОРЕА

Понекогаш лекарите неможат да ја најдат причината за појавата на галкатореа. Во овој случај се нарекува ИДИОПАТСКА ГАЛАКТОРЕА. Се претпоставува дека жлезденото ткиво од вашите дојки е преосетливо на хормонот пролактин кој циркулира во вашиот крвоток. Доколку имате зголемена сензитивност на пролактин и при нормални вредности на овој хормон може да се се јави галактореа.

ГАЛАКТОРЕА КАЈ МАЖИТЕ

Најчесто се појавува при дефицит на хормонот тестостерон. Најпрво започнува со зголемување на градите и чувствителноста кон истите.

ГАЛАКТОРЕА КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА

Понекогаш се појавува и кај новороденчиња како резултат на нивото на естрогените хормони од мајака кои преку плацентата поминуваат во крвототкот на бебето. Се манифестира со зголемување на градите и појава на исцедок од мајчино млеко од дојките на бебето. Оваа појава е привремена и се повлекува спонтано без третман. Доколку исцедокот на мајчино млеко перзистира треба да се консултирате со матичниот педијатар на бебето.

ТРЕТМАН И ЛЕКУВАЊЕ

Во зависност од симптомите третманот и лекувањето се насочува кон одредување и третирање  на причината. За таа цел се прават лабораториски испитувања назначени од лекар (испитување на нивото на хормонот пролактин,тироидните хормон),  испитување на исцедокот од дојките, ехо на дојките, мамографија и МРИ на хипофиза.