
Секоја една мајка доилка во првите денови после раѓањето на бебето е загрижена дали градата произведува доволно мајчино млеко и дали тоа е доволно за секој подој на новороденчето. Секоја една нова мајка меѓу сите помошни средства за доење поседува и пумпа за измолзување па често пати сакајќи да дознае дали има доволно млеко се измолзува,а најчесто во првите денови после породувањето тоа и создава само грижа. Сигурно се прашувате зошто?
Ниту една доилка со новороденче во првите денови после породувањето неможе да измолзи поголема количина на млеко, затоа што градата не произведува толку млеко. Градата произведува онолку млеко по количина колку што му е потребно на бебето за таа возраст. Количината на мајчино млеко која ја произведуваат градите се зголемува постепено како што расте новороденото. Самата града поминува низ развојни стадиуми и на клетките кои произведуваат мајчино млеко и на млечните каналчиња кои го спроведуваат до брадавицата. Постепено и тие се шират за да можат да се приспособат на поголемата количина на мајчино млеко која градата ќе ја создава.
Пумпата за измолзување ни е помошно средство кое може да го користиме доколку имаме потреба од стимулација на лактацијата, ако имаме преполнети гради, а бебето неможе да ги испразни или доколку треба да измолзите и складирате мајчино млеко. Многу мајки се загрижени кога ќе измолзат малку млеко. Тоа создава загриженост кај нив и безброј прашања дали бебето напредува доволно. Ако вашето бебе напредува доволно, кака и мочка убаво немате потреба да се измолзувате и да размислувате колку млеко создава градата. Едноставно уживајте во доењето. Секое новороденче посетува педијатар во првите неколку денови по породувањето. Педијатарот ќе ви каже дали напредокот ги задоволува параметрите за таа возраст на бебето.
Бебето секогаш може да исцица повеќе млеко отколку што пумпата може да измолзи. Има мајки кои со ниту една пумпа неможат да измолзат ниту капка мајчино млеко, со рачно молзење можат да измолзат многу повеќе. Доколку бебето добро напредува немојте да се сомневате во себе, едноставно кристете ја пумпата само како помошно средство во одредени моменти, а не како параметар колку млеко имаат вашите гради.
Уживајте во доењето и мајчинството!