Постојат многу начини да се дефинира поимот исхрана кај новороденче. По својата суштина, доењето претставува интимен чин кој ја продлабочува емоционалната поврзаност помеѓу мајката и бебето, начин на исхрана и начин со кој кај бебето се задоволуваат сите потреби со основните елементи за раст и развој. За многу  родители позитивниот аспект на  доењето е неговата улога во смирувањето на бебето, удобноста која ја нуди, емоционалната поврзаност со мајката. Многу повеќе отколку  што ставаат акцент сметајќи го само како начин на исхрана за своето бебе.

Сетилната стимулација при доењето е еден важен аспект. Некои научници дошле до заклучок дека допирот и осетот за мирис кој бебето ги искусува се клуч за стабилност и развој на нервниот систем.

Невролошкиот ефект од контактот кожа на кожа и доењето се фокусот на истражувањата на Јужноафриканскиот лекар и истражувач Нилс Бергман. Според него “златниот час после породувањето” во кој бебето ползи до градата, непрекинат контакт кожа на кожа после породувањето се од витално значење за развој на мозокот и нервните патишта (N.Bergman,2017). Мирисот на мајката, допирот и вкусот кој бебето ги искусува ползејќи до градата ги активира нервните патишта кои водат до седиштето на емоционалната меморија во мозокот “baby’s amygdala” (место каде што емоциите добиваат значение, се меморираат и од каде се репродуцира одговор на истите). Сето ова допринесува активација на лимбичкиот систем кој помага во регулација на автономниот нервен систем и стабилноста на истиот.

Во однос на ритамот и начинот на доење секоја мајка има своја приказна. Науката дава основни совети за секоја една нова мајка доилка но, секоја од нив се соочува со различен пат. Сите бебиња се различни, некои се активни некои пасивни, некои можеби имаат препреки и неможат да воспостават доење, кај некои мајки доењето оди по својот придроден пат. Но, да не го сметаме доењето само како начин на исхрана за своето бебе. Да се потпреме и на другите аспекти кои ги нуди и сите оние придобивки кои ги има овој начин на исхрана кај новороденчињата.

Можеби ќе ви се допадне:   Инфекција со корона вирус (COVID-19) и бременост

Да ги искористиме овие податоци и да се зближиме со своето новороденче час поскоро после породувањето. Побарајте го вашето бебе да биде во вашата близина. Вашето тело, вашиот мирис и допирот кој го чувствува кај него имаат многу поинакво значение за негoвиот раст и развој. Неговиот аспект врз развојот на нервниот систем е она што  на доењето му дава една единствена страна.

Важноста од “Rooming in” – сместени во иста соба со вашето бебе во родилиштето има исто така влијание за успешно доење и лактација. Колку повеќе пати во денот бебето дои толку повеќе се стимулира лактацијата и се зголемува продукцијата на млеко. За да може ова да се спроведе потребно е мајката и бебето да бидат сместени во иста соба за да може мајката да реагира на потребите на бебето. “Rooming in” во првите денови после породувањето e поддржано од специјаноста неврологија кај новороденче (N. Bergman, 2017;N.J.bergman,2014), како најздрав и најсоодветен начин за транзиција кај новороденчињата од живтот во матката до живот надвор од матката. Блискоста, контактот со мајката и воспоставување на доењето повторно се акцентирани како клучни моменти за раст и развој на нервниот систем кај нвороденчето.

На оваа тема има многу студии и истражувања. Сите водат кон еден заклучок да се воспостави доење во првиот час после породувањето, да се практикува сместување во иста соба на мајката со бебето и да се практикува контакт кожа на кожа.

Пишува: Јасна Апостолски – Николов дипл.мед,сестра, IBCLC (Меѓународен сертифициран консултант за доење, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници)